Хуманитарката Здравкин една од „Личностите на годината“

Бизнисмените Кристијан Данаиловски и Глигор Цветанов, спортистите  Кирил Лазаров, ракометар и Евгени Поп Ацев , маратонски пливач, уметниците Никола Маџиров, поет, Благој Нацовски, оперски пејач и Дуке Бојаџиев, композитор, фотографот Горан Анастасовски и хуманитарката Ленче Здравкин се годинешни лауреати на изборот „Личност на годината“ за 2015 година, што веќе четири години, традиционално го организира, најстариот дневен весник на македонски јазик „Нова Македонија“.

Во 2012 година, весникот  ја воведе наградата „Личност на годината“, која според изборот на новинарите во редакцијата, им се доделува на најистакнатите личности што ја обележиле годината во областа на бизнисот, културата, политиката, уметноста, науката, образованието, спортот, општествените и хуманитарните дејности.

Хуманитарката Ленче Здравкин

Хуманитарката Ленче Здравкин

Честитајќи им на сите лауреати за 2015, за кои новинарите на „Нова Македонија“ сметале дека во изминатата година „несебично се жртвувале и се ангажирале за добросостојбата на својот народ и за својата држава“, ЦИВИЛ – Центар за слобода сака да ја поддржи целосната оправдност за доделување на едно вакво признание, на хуманитарката Ленче Здравкин.

„Жената од пругата“, „ангелот на бегалците“, „жената што им ги отвори вратите на својот дом на мигрантите“, е кревката велешанка која за својата самопрегорна работа од почетокот на бегалската криза, од еден портал веќе ја освои наградата за „Жена на годината“

Изминатава година таа беше најприсутната Македонка во светските медиуми, кои ја величеа нејзината хуманост и ја споредуваа со Мајка Тереза, Нејзиното име на новинарите им го повторуваа стотици бегалци од воените жаришта и економски мигранти, кои на оние кои доаѓаа по нив, им ги испраќаа и координатите на нејзиниот дом, секогаш отворен за страдалниците од сите нации и религии.

Цела година, тврдејќи дека најголема награда и е насмевката на бегалците и мигрантите, Ленче, не штедејќи се себеси, ни своето време, ни средствата, им помагаше на мачениците, со убав збор и насмевка, со храна, вода и облека...

ЦИВИЛ и честита на заслужената награда.

Print Friendly, PDF & Email