Најдовски: Во Мелбурн се создаде гласачко гето на ВМРО-ДПМНЕ!

Иселеникот во Мелбурн, Ицо Најдовски - Перин е еден од најистакнатите македонски активисти во Австралија, речиси три децении. Тој е бизнисмен, паралелно активен во општествено-политичкиот живот, а одржува и перманентни врски со својата родна земја. Затоа и избрал да докторира токму во Македонија, на Институтот за национална историја, при УКИМ-Скопје.

Најдовски-Перин волонтерски, со години води емисија на македонски јазик на радиостаницата 3zzz од Мелбурн, обработувајќи актуелни теми од животот на македонските иселеници, но и со осврти на случувањата во Македонија. Како Македонец со изразено национално чувство, во 2011 година беше еден од кандидатите за пратеници од дијаспората во македонското Собрание, со цел да даде свој придонес во развојот на Македонија. Тогаш не беше избран за пратеник, но во предвечерие на вонредните парламентарни избори закажани за 11-ти декември, за ЦИВИЛ Медиа отворено зборува за нерегуларностите коишто го следеле изборниот процес за пратеници од дијаспората пред пет години.

ЦИВИЛ Медиа: Како течат подготовките за вонредните парламентарни избори во Македонија што ќе се спроведат и во Австралија? Дали сте сведоци на одредени злоупотреби на претставници на властите во Македонија или воопшто на други нерегуларности?

НАЈДОВСКИ: Со промената на законот, пратеникот од дијаспората треба да собере 6.500 гласови, според тоа, сметам дека интересот на државата како да е сведен на минимум. Не сум забележал во Австралија некое раздвижување, доаѓање на политичари, владини претставници... Порано беше поинаку, зборувам за времето кога и јас бев кандидат за пратеник во 2011 година, од партијата „Достоинство“. Во тоа време, имаше голема политичка активност, присутни беа министрите Никола Тодоров, Спире Ристовски, политичари ... Тие направија голем исчекор, ветувајќи дека дијаспората гласа и ќе има свои претставници во македонското Собрание. Но, не беше така. Во Македонија се изгласа закон, со којшто државјани на Македонија ќе имаат право на глас, во случај кога тие се надвор од државата, на денот на гласање. Тоа значи дека не гласа дијаспората, туку жители на Република Македонија, со валидни биометриски пасоши или лични карти, затоа и бројот на гласачите е толку мал. Поточно, тој број е сведен на потребите на политичките партии. За мене, голем проблем во 2011 година беше условот, 1.000 потписи да се соберат за да бидеш независен кандидат. Кој е тој Исус Христос кој може да ги собере тие 1.000 потписи за независен кандидат?! Јас сум независен човек, не ги поддржувам ни лево, ни десно ориентираните политички партии... Сакав само како пратеник да се заложам за нешто ново, за правата на бранителите, предлог законите за нивна заштита да се спроведат на дело. Бранителите на Македонија, се најмалку почитувани во овие изминати 15 години. Проблем беше да се соберат тие 1.000 потписи без поддршка на конкретна политичка партија, зашто не сакав зад мене да стои политичка партија.

ЦИВИЛ Медиа: Како тогаш беа обезбедени гласовите за тие тројца пратеници од Австралија?

НАЈДОВСКИ: Во тој период од 2 -3 недели пред изборите во 2011 година, во Владината делегација во која беа Ристовски, Тодоров и останатите се вклучи и Црквата, преку митрополитот Петар и свештениците. Луѓето кои добија пасоши за гласање, јас не бев сведок, ги добиле преку ноќ, биле повикувани телефонски, се фотографирале во црквите на лице место, се пополнувале формуларите, ги враќале во Македонија, се правеле пасошите и ги враќале назад во Австралија... Така, се создаде едно гласачко гето во Мелбурн, од околу 550 гласачи, и со овие гласови беше избран за пратеник Милорад Додевски од ВМРО-ДПМНЕ. Јас, како активист во Австралија, имав само 13 гласови и биеја шега, мајтап играа со мене, оти сум добил 13 гласови. А, немав ни можност, ни услови, зашто условите коишто се кажуваа во медиумите и на терен, не беа исти.

ЦИВИЛ Медиа: Што се случуваше, дали се сомневате и во други нерегуларности?

НАЈДОВСКИ: Друго не можам да кажам, сметам дека сé кажав. Значи, гласачкото тело само во Мелбурн се сведе, а таму се мнозинството Македонци, на нешто повеќе од  500 гласачи, дијаспората не можеше да гласа, немаа право, гласаа мал дел, само оние кои имаа биометриски пасоши. А, се говореше дека има мобилна станица,  дека ќе се издаваат пасоши, но таа никако не проработи, затоа и бројот на гласачите во Австралија е некаде околу 1.000 или, еве, максимум нека бидат 1.500 во овој момент. Според официјалниот попис во Австралија, нé има околу 97.000, а ние сметаме дека сме околу 300.000 Македонци. Не е лесно да се гласа, зашто може да се гласа само во конзулатот во Мелбурн и во амбасадата во Канбера. Тоа значи дека една фамилија, на пример од Перт, треба да пропатува околу 8.000 километри во двата правца до Мелбурн, само за да гласа. Изминатите години често се случуваше човекот којшто е во Мелбурн, адресата на гласање да му биде во Минхен или на други места. Имаше и други нерегуларности, тогаш беше претседател на ДИК, Борис Кондарко, ги пријавувавме, заедно со нашите луѓе во Австралија, но, сé се сведе на едно орално и медиумско известување.

ЦИВИЛ Медиа: Се очекува ли годинава поголема излезност на граѓаните? Какво е расположението меѓу иселениците? Дали се тие свесни за сé ова што се случува во Македонија?

НАЈДОВСКИ: Децата секогаш се интересираат за својата мајка. Македонија нам ни е биолошка мајка и интересот наш е секогаш на завидно ниво, особено за политичките состојби, кога станува збор за опстанокот на Македонија. Ако посочам неколку факти, ќе биде јасно сé. Ние од Србија сме признати, но Српската православна црква не нé признава. Бугарија признава држава, но не и македонски народ и јазик. Албанија нé призна како Поранешна Југословенска Република Македонија. Грција не признава ни држава, ни јазик, ни народ, ни црква... Според тоа, интересот наш е секако повеќе тука, отколку за социјалната состојба или за сиромаштијата во Македонија. Соработката со властите во Македонија не е на завидно ниво, затоа интересот не знам каков ќе биде, зашто сега дојде до промени за избор на пратеници од дијаспората. Сега еден пратеник треба најмалку да освои 6.500 гласови. Промените дојдоа. Сега, од тројца, односно од три изборни единици, тие беа 7, 8 и 9, сé е сведено само на една изборна единица, за да може првиот носител на таа изборна единица да освои барем 6.500 гласови. Тоа значи дека најмногу може на овие избори на 11-ти декември, да има само еден претставник од иселеништвото.

Организираноста се знае дека оди преку храмовите на МПЦ и преку амбасадите и конзулатите. Ова сметам дека треба да се отстрани. Сметам дека претставниците на иселениците треба да потекнуваат од местото, од каде се кандидираат. А, не како  Павле Саздов, некогаш бил во Канада, има пасош од Канада и тој е претставник на Македонците во Канада, а живее во Скопје, во центарот до градската болница. И сега, нема основа тој да биде, претставник на македонската заедница на иселениците. Интересите на македонската заедница се да ја зацврстиме соработката, но на едно силно ниво. Нашите заложби беа, изминатите години, со сите влади до 2011 година, да имаме наши претставници во Собранието во Македонија и да го пренесуваме искуството од западните демократски држави. И тој избор да биде на ниво на целокупната македонска заедница, а сé се сведе на партиски интереси.

Текст и видео: Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email