На ЕУ и треба нов приод за Македонија

ЕУ да го преточи Извештајот на Прибе и Итните реформски приоритети во акциски план за „владеење на правото“, како нов приод за рано отворање на поглавјата 23 и 24 од преговорите за членство на Македонија, поврзани со судството, темелните човекови права, правдата, слободата и безбедноста, а механизмите на ЕУ во однос на проширувањето да се стават во функција на извршување притисок врз земјите - кандидатки кои го прекршуваат принципот на владеење на правото. Ова се клучните препораки од документот за политики кој беше претставен денеска од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) на тркалезна маса одржана во Скопје, на која освен претставници на граѓанскиот сектор и медиумите, учествуваа и екс-амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере, поранешниот посредник во политичките преговори во земјава, Питер Ванхауте, и новинарот и поранешен потпретседател на белгискиот парламент, Лоде Ваност.

Ванхауте, изнесувајќи го свој став за сегашната состојба и за чекорите во иднина, истакна дека учеството на граѓаните и граѓанскиот сектор е неопходно за да се создаде повторно баланс на силите, бидејќи, според него, во преговорите има една силна страна, и три далеку послаби.  „Изборите на 5 јуни се далечен сон“, категорично поентираше Ванхауте, додавајќи дека граѓанскиот сектор треба да го добие своето место на масата на која се решава судбината на земјата.

Отворени критики кон пристапот на ЕУ спрема Македонија изнесе поранешниот амбасадор на Унијата во земјава. „Млаките реакции на ЕУ создадоа чувство на неказнивост, го намалија влијанието на ЕУ“, посочи Фуере, додавајќи дека ЕУ не смее повеќе да дозволува дискусии од типот „мелење на воденица“, како и дека решението и преговорите не смее да се одвиваат во некоја задна соба надвор од земјава, туку во Македонија, за да има поголема транспарентност и поголемо вклучување на граѓаните.

Белгискиот новинар и поранешен пратеник Ваност рече дека треба да се работи и на запознавање на европската јавност со проблемите со кои се соочува Македонија, која не е воопшто високо на агендата на приоритети на земјите - членки на ЕУ. Според него, за тоа што се случува во Македонија воопшто не се запознаени граѓаните на многу европски земји, а соработката со угледни медиуми и притисокот на јавноста во тие земји кон своите влади може да донесе промена во пристапот кон Македонија.

Освен авторите на текстот на документот, Бојан Маричиќ и Андреа Стојковски од МЦЕО кои ги претставија препораките и наодите на документот, на тркалезната маса говореше и извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова - Пановска, која ги аргументираше барањата кои произлегоа од протестите кои веќе трета недела се одвиваат на улиците на повеќе градови во Македонија.

 

Print Friendly, PDF & Email