Мое бебе – моја работа!

Самохрана трудница сум, бившиот партнер не сака ни да чуе за мене и за бебево. Не можев ни да сонувам дека вакво нешто ќе ме снајде.

Партнерот ме остави кога одбив да абортирам! Не го сака нашето дете, не сака да преземе никаква одговорност и уште сега гледам што значи да си самохран родител во земјава. Моите другарки ме гледаат под око, родителите и роднините се срамат од мене и не им е пријатно кога сме заедно, затоа што луѓето ги прашуваат за зетот. А зет - нема. Ме прекоруваат уште сега, и постојано ми префрлаат: како сум можела да им го направам ова, каков резил сум јас за нив, и каков срам трпат поради мене...

И на работа сум табу-тема. Чудо над чудата.

muaZsOmСама ќе родам. Лута сум и гневна на таткото на моево неродено бебе. Несреќна сум, а сакав само да се роди плодот на љубовта што ја имав кон човекот во кого бев вљубена. Барав помош во социјалните служби, но уште кога отидов за првпат, се соочив со рамнодушниот поглед на вработената и со нејзиното чудење - како јас, вработена, се дрзнувам да одам кај нив, социјалните работници, и да се распрашувам дали ми следува нешто - како на идна самохрана мајка. Ме испудија, дури се свестив. Доживеав уште поголема вина и срам од она што секојдневно ми го наметнуваат роднините и родителите, пријателките и колегите...

И продавачките кои ги прашувам за бебешка гардероба и други потребни работи, ме прашуваат каде е таткото? Дали самата ќе решам во каков кревет ќе ми спие бебето? Дали без прашање од таткото купувам, на своја рака... „Да, купувам!“, им велам. „Мое бебе - моја работа! И каде ќе спие и како ќе се облекува!„, им вела, и излегувам. И не пазарам ништо од кај нив. Не пазарам ништо од никаде, зашто не ми се ни пазари од такви.

Стрес ми е секое одење во продавница, секое одење до работа, секое излегување од дома.

Стрес ми е второто име овие месеци, на „благословена состојба“.

Стрес ми е и презимето...

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители. Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво. Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки. 

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email