Марш на толеранцијата: „Бегалци без граници“

Маршот на толеранцијата, годинава посветен на бегалците, под мотото „Бегалци без граници“ ќе се одржи во сабота на 14 ноември, во 11:55 часот.

Пред Музејот на град Скопје, ќе се упати апел до властите да обезбедат достоинствени услови за престој на бегалците, на пат кон европските земји. Од македонските власти ќе се побара да покажат хуманост и да овозможат непречен транзит на бегалците низ Македонија.

Нехуманоста, неправдата, нееднаквоста, кршењето на основните човекови права и слободи на бегалците, во нивната потрага за подобар живот, се причина повеќе за подигање на јавната свест и солидарност. Ваквиот однос зборува за лошите политики на структурите на моќ, видиливи преку дехуманизацијата и верската нетрпеливост кон бегалците.

На Меѓународниот ден на толеранцијата уште еднаш треба да ја искажеме својата загриженост за недостигот на хумани политики и практики во некои европски земји кои се на штета на бегалците, но и на системот европски вредности.

Затоа, апелираме до сите добронамерни луѓе да дадат личен придонес кон подобрување на општеството, со практикување на толеранцијата секојдневно во својот дом, на улица или на работното место. На тој начин, се создава чувство за разбирање, солидарност, толеранција и хуманост кон човештвото.

Толеранцијата е патот кој води кон слободата, еднаквоста и правдата.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите граѓани и граѓанки да се приклучат на Маршот на толеранцијата. Да покажеме дека нема да дозвoлиме да бидеме жртви на омразата која води до хаос и деструкција.

Маршот на толеранцијата го организираат Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центар за поддршка, ЦИВИЛ – Центар за слобода, Левичарското движење „Солидарност“ и Фондацијата Отворено општество – Македонија.

#Refugeesmk

 

Print Friendly, PDF & Email