Македонија – светски лидер во кршење на слободата на медиумите

Соопштение за јавноста, 26 јануари 2012 г.

Македонија стана светски лидер во брзо кршење на слободата на медиумите, а со тоа и на основните права и слободи на човекот. Според организацијата Репортери без граници,  Македонија за само две години, од 2009 до 2011, се стрмоглави за цели 60 места.

Неблагодарната титула и 94 место на ранг листата, Македонија ја обезбеди со континуиран притисок врз медиумите, затворање на три дневни весника и една телевизија, отпуштање и јавно прозивање на новинари, партиско-владина контрола врз Советот за радиодифузија, тужбите против новинарите...

Начинот на кој дел од медиумите реагираа на катастрофалното паѓање на рејтингот на сопствените слободи, само ги потврди оценките на „Репортери без граници“. Срамното одбегнување да се објави веста за урнатиот рејтинг, барем како соочување со вистината, најочигледно ја покажува длабочината на кризата во која се западнати медиумите и новинарството во Македонија.

Медиумите се огледало на вкупните општествени и политички односи во државата. Кога состојбите во македонското новинарство и медиумите се бедни, кога Македонија е светски лидер во мизеријата, каква е власта која ја води државата? Каков е нејзиниот рејтинг во светот, надвор од границите на Македонија?

Рејтинг листатата на организацијата „Репортери без граници“ не предизвика никаква официјална реакција, иако ваквите состојби и вистини, колку и да се непријатни, не смеат да се премолчат. Нема, ни од далеку, никакви навестувања дека состојбите ќе почнат да се менуваат.

Значи ли тоа дека Македонија ќе продолжи да тоне кон дното на оваа листа на која се уште и Еритреја, Туркменистан и Северна Кореја – како диктаторски режими кои забрануваат и стравуваат од информации кои се непријатни за нив?

 

Ристо Поповски

Цивил Медиa

Цивил Медиа е организациона единица на Цивил – Центар за слобода.

Контакти: civil.media.mk@gmail.com | 02/5209176

www.civil.org.mk

Print Friendly, PDF & Email