Копнеж за моето Скопје

Иако деновиве летото се занесува и се преправа дека е есен, сепак, преубаво време е да се шета низ Македонија и да се посетат локациите на кои порано се  сеќаваме како поубави, а сега се деформирани. Особено, мојот роден град, Скопје, кое со своите дрвја нé „покриваше“ во топлите денови, нé опиваше со мирисот на липите, додека клупите на плоштадот и паркот, секогаш беа зафатени од скопјани, кои го сакаа својот град...

Пишува: Ермин Климента

Пишува: Ермин Климента

А сега? Дрвјата ги исекоа, а зградите ги залепија со стиропор... Сега, ве предизвикувам да одите на централниот плоштад и да се обидете да поминете со отворени очи, под сончевите зраци кои се одбиваат од мермерот (што и да се, тоа, плочите) и блескаат толку силно, што сите кои не носат очила за сонце, или како мене, не можат да ги носат, мораат да ги покријат очите со раце, и да протрчуваат водејќи се според останатите сетила.

Објаснете ми, ве молам, како градот што некогаш го ширеше духот и харизмата на „град на солидарноста“ и зрачеше со позитивни емоции, градот што покануваше луѓе од целиот свет во својата прегратка, сега е само кулиса на хорор-филмот на една власт, која гајле нема ни за престолнината, ни за државата, сосе „народот“? Дали е во ред, цели 10 години од својот живот, да ги поминам под таква власт? Да гледам секојдневно, порано, на патот кон училиштето со автобус, или сега, на патот кон работа со автомобил, како мојот најомилен град на светот, се распарчува пред моите очи? Како се претвора во сопствена карикатура, во приказна за мајтапење, во невиден кич, за кој веќе и нема надеж за враќање на старо и поправање на резилот...

Ги мислам овие работи секојдневно, додека возам по улиците на мојот град и набљудувам како лицата на скопјани се сé потажни и подепресивни... Знам дека не може човек лесно да се оттргне од оваа тага. Со убивањето на скопскиот дух, дури и да дојде друга партија на власт, и премногу тешко ќе биде враќањето на насмевките на лицата на скопјаните, заталкани во кулисите на експериментот „Скопје 2014“, креиран од луѓе кои го мразеа и мразат Скопје. Луѓе кои го мразат Градот!

Едноставно, не го препознавам и не сакам да сум како заталкан туѓинец во својот град. Не сакам креаторите на овој панаѓур да ме сметаат за државен непријател, за непријател на земјата во која сум роден и живеам, еве, до вчера, полни 24 години. Не сакам да си заминам од моето Скопје. Сакам да го спасам од оние кои го мразат...

Не сакам да си заминам.

Сé уште...

Поздрав на моите скопјани! До оние кои го сакаа и го сакаат својот град. Оние кои ќе го бранат од понатамошно масакрирање.

Print Friendly, PDF & Email