Кирацовски: Администрацијата во помалите градови е изложена на силни притисоци!

„Политичките притисоци на власта врз вработените во јавниот сектор ќе се зголемуваат, како што наближуваат изборите. Овие вработени, впрочем, се лесен таргет за власта, зашто, нејзините претставници располагаат со директни контакти, списоци, и од позиција на моќ и натаму се обидуваат и ќе се обидуваат да ги контролираат граѓаните, за да бидат нивни гласачи на овие предвремени парламентарни избори“, оценува Александар Кирацовски, дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација, кој порачува дека граѓаните, вработените во јавниот сектор, сите притисоци и политички влијанија на власта, може да ги пријават во МВР!

Кирацовски вчера му достави документација на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со цел - МВР, согласно со надлежностите, да пристапи кон проверка на индициите. Според Кирацовски, власта смета дека ги контролира вработените во јавниот сектор, за да бидат „базен на гласачи, така што ќе обезбедат нови 10-15 гласачи, и кворум на следните митинзи, протести или контра-протести.

dsg

„Политичките притисоци достигнуваат големи размери. Ги има во органите на централната и на локалната власт, во сите институции од здравството, образованието, културата, спортот, трудот, фондовите, агенциите, општините, јавните претпријатија.... Политичкото влијание се манифестира преку предупредувања за губење на работното место, закани и прераспоредување на друго работно место, изрекување на казни и други дисциплински мерки. Во последно време, како индиректен, а многу влијателен начин на притисок е оценувањето на административните службеници, во кое главна улога игра претпоставениот партиски шеф, кој лесно може да ја диктира работната иднина на службеникот“, објаснува Кирацовски.

Политичките притисоци и влијанија се најсилни во помалите градови и тоа во општините, јавните претпријатија, локалните центри за социјални работи, во агенциите... Актери на политичкиот притисок, додава Кирацовски, се министри, државни и општински секретари, раководители, градоначалници, инспектори...

„Притисоците стигнуваат дотаму, што веќе имаме пријави за влијанија врз ученици од средните училишта. Имено, директори на одделни училишта, во спрега со дел од професорите, ги активираат учениците за партиско-политички цели, за време на наставата. Граѓаните, вработените во јавниот сектор, треба да знаат дека сите притисоци и политички влијанија на власта, преку нејзините актери, може да ги пријават во МВР, да поднесат соодветна пријава. А, претставки може да се поднесат и до Народниот правобранител. Секако на располагање е Трудовиот и Управниот инспекторат“, вели заменик-министерот Кирацовски.

Тој ги повикува граѓаните кои се дел од државната администрација, и натаму да продолжат да ги пријавуваат политичките притисоци на веб-страницата што ја отворил за пријавување злоупотреби во предизборниот период.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email