Кежаровски: Граѓаните во Македонија не смеат слободно ни да размислуваат!

На денешен ден пред една година, новинарите, поддржани и од неколку илјади граѓани, на скопските улици маршираа, протестирајќи и барајќи за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски. По почетокот на протестот пред Апелациониот суд во Скопје, стигна веста дека Кежаровски е ослободен, и тој и самиот се придружи на маршот.

Кежаровски денес за ЦИВИЛ Медиа изјави дека сака да биде последниот човек кој  е неправедно осуден во Македонија. И истакнува дека датумите - 23 октомври 2013 година, кога тој беше во притвор и 20 јануари 2015 година, кога новинарите и граѓаните на скопските улици, се бореа за слободната мисла, ќе останат во колективната меморија на сите слободоумни Македонци. Кежаровски потенцира дека не се кае за ниту еден искажан или напишан збор и вели дека секогаш ќе биде на страна на правдата и на слободното мислење и изразување.

Kezarovski„Со оглед на многу факти, денес во Македонија човек не смее да го каже свој личен став, има толку притисоци што граѓаните дури не смеат слободно да размислуваат! Сакам да потенцирам дека протестите кои беа организирани за мое ослободување, всушност, беа демонстрации за зачувување на слободата на говорот, на размислувањето и личниот став на граѓаните. Тие протести ќе бидат запаметени како моменти кога сите заедно застанавме во одбрана на слободното изразување“, вели Кежаровски.

Помина цела година а новинарот Кежаровски се уште не може да се вработи.. Тој вели дека заканите и притисоците повеќе не се јавни, но и дека и тоа како  ги чувствува сите економски последици од нив.

„Ниту јас, ниту сопругата не сме вработени. Обајцата не можеме да најдеме работа. Работодавците се плашат да не вработат, за да не си создадат проблеми. Но, јас и во иднина ќе бидам секогаш на страната на вистината, без разлика дали ќе работам како новинар или како возач“, истакна Кежаровски.

Откако Кежаровски е на условна слобода, состојбата со слободата медиумите во Македонија не се подобри и според „Репортери без граници“, годинава е рангирана на 117 место, за разлика од 2009 година кога земјава била на 34 место, од вкупно 180 земји.

Кога Кежаровски беше фрлен зад решетки, ЦИВИЛ – Центар за  слобода, во коалиција со неколку меѓународни организации за човекови права и медиумски слободи, покрена меѓународна кампања за активизам преку социјалните мрежи, со цел да се изврши притисок за исправање на неправдата нанесена на македонскиот новинар, кој беше осуден од македонските власти со 4,5 години затвор.

Кампањата беше организирана и поддржана од ЦИВИЛN-ost Reporters without Borders (German Section)Scoop и BIRN.

Кежаровски беше уапсен во акцијата „Ликвидација“ во мај 2013 година, под обвинение дека објавил име на заштитен сведок во случајот за убиството во селото Ореше. Тој прво беше осуден на 4,5 години, потоа казната му беше намалена на 2 години, а одлежа дваесеттина месеци.

Print Friendly, PDF & Email