Цивил повикува на „соочување со реалноста“

Цивил – Центар за слобода и Форум – Цивилен мировен сервис ќе ја промовираат публикацијата „Соочување на реалноста“, која е завршен извештај на пилот-проектот „Сеќавање на минатото – обликување на иднината: локални култури на помнење“. Промоцијата ќе се одржи утре во ГЕМ Клуб – Менада во Стара Чаршија со почеток во 11:30 часот.

„Живееме во време кога историјата, искривена и злоупотребена го запоседна нашето секојдневие и ја загрозува нашата иднина. Нашата организација, следејќи ги негативните општествени и политички трендови, упати еден сеопфатен поглед во локалните култури на помнење во три мултиетнички општини во Република Македонија и на тој начин се обиде да даде одговор на горливите теми поврзани со областа на соочување со минатото“ – изјави Џабир Дерала, Претседател на Цивил и еден од уредниците на оваа публикација.

cover MK

Проектот опфаќа еден подолг историски период во Македонија, почнувајќи од Илинденското востание во 1903 година и завршува со проектот „Скопје 2014“. Културата на помнење се однесува на вредностите, политиките и практиките на поединечното и колективното помнење, меморијализацијата на минатото преку обележување на празниците и почитување на спомениците, културното пролонгирање на историските настани, водењето и функционалноста на институциите библиотеки, училишта, музеи, архиви.

Во овој пилот проект беа опфатени три општини: Чаир, Тетово и Кичево.  Публикацијата ќе се промовира и во Кичево на 4 декември во просториите на општина Кичево, со почеток во 12:00 часот и во Тетово на 8 декември во просториите на општина Тетово, со почеток во 13:00 часот.

Идејата беше да се добие слика за развојот на културата на помнење на ниво на мултиетнички заедници, нивните меѓусебни односи и нивниот однос кон минатото.

Aрбана Ќерими

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian