„Кампања“: Оштетени билборди, скршени прозорци, испишани пораки и исчкртани ѕидови на изборни штабови...

Испишани политички пораки врз штабовите на „непријателските“ партии, искршени прозорци, демолирани канцеларии, уништен инвентар, оштетени билборди..., се само дел од настаните кои го одблежаа почетокот на изборната кампања, а се забележани од активистите на ЦИВИЛ.

Како последен од низата инциденти е вандализмот врз изборниот штаб на НСДП во населбата Аеродром, во трговскиот центар „Бисер“. Инцидентот во кој вандалите ги чкртале прозорците и ѕидот, се случил во вторникот, а сторителите се засега непознати.

„Имајќи предвид дека овој вандалски чин се случи непосредно по завршувањето на големиот предизборен митинг на здружената опозиција, како и од самата содржина на пораките, очигледно е дека станува збор за политички мотивиран настан кој зборува за паниката и нервозата во владејачката партија од резултатите на претстојните избори“, се вели во соопштението на партијата,  која инцидентот го пријавила во МВР.

aerodrom-nsdp

Аеродром

Евидентиран е вандализам и врз два штаба на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино - во период од 24 часа, испишани се пораки со политичка содржина врз прозорците.

Оштетен, односно, посипан со црна боја е централниот банер на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во Струмица. Од партијата обвинуваат за индиферентност на полицијата и бараат одговорност од техничкиот министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

15151517_10211233887788282_1655308989_n

Струмица

Демолиран е штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, во Месниот комитет „Задругар“. Демолирањето се случило на два пати, ноќта на 18-ти ноември во 22 часот, како и утрото во 9 часот, од непознати сторители, кои ги оштетиле прозорците и дел од инвентарот во штабот. Андон Лазаров, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци, на прес-конференција им порача на вандалите дека не се плашат од вакви потези и според него, доаѓа време кога самите граѓани ќе ги казнуваат деструкциите и насилството. Случајот е пријавен во полиција и се работи на негово расчистување.

kavadarci-vmro2

Кавадарци

Од возило во движење, на 7-ми ноември, во скопско Арачиново, непознати лица фрлиле предмети кон прозорците и притоа, оштетиле четири прозорци на партискиот штаб на СДСМ во Арачиново. Инцидентот е пријавен во полиција од И. Ф., сопственик на куќата во која се наоѓа штабот. Според полицискиот извештај, настанот се случил утрото околу 5 часот и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.

Ивана Талеска

Print Friendly, PDF & Email