Какви избори – таква иднина

Конференција за слободни, фер и демократски избори, 10 април, хотел Парк Резиденс, 12 ч.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја организира 120-минутна конференција „Какви избори – таква иднина“ на која ќе ги изнесе своите наоди, анализи и препораки за претстојните претседателски избори. Конференцијата ќе се одржи на 10 април, во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион), со почеток во 12 часот.

На конференцијата се поканети претставнички и претставници на институциите, граѓанското општество, експертите, медиумите и меѓународната заедница. Долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ ги опфати состојбите и настаните поврзани со претседателските избори, почнувајќи од нивното распишување на 8 февруари годинава. Набљудувачите на ЦИВИЛ го насочија своето внимание на повеќе важни аспекти на изборниот процес, вклучувајќи ги говорот на омразата, лажните вести, функционирањето на институциите, политичкото финансирање и почитувањето на Изборниот законик и демократските стандарди.

Во изминатиот период, ЦИВИЛ објави серија интервјуа со највисоките претставници на повеќе релевантни институции и владини претставници, како и со претставници на експертската заедница и медиумите. Воедно, ЦИВИЛ објави и серија едукативни текстови за изборниот процес кои ќе бидат објавени и во онлајн публикацијата со наслов „Сѐ што сакавте да знаете за изборите“ што ќе биде објавена на медиумската платформа на ЦИВИЛ за време на конференцијата.

Веќе со години, во пресрет на изборите, ЦИВИЛ организира конференција од овој вид, со намера да ја зајакне јавната свест и да испорача препораки за одржување слободни, фер и демократски избори. Оваа година, конференцијата се одржува како дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English