Извештај за корупција: Отпор кон корупцијата во Македонија не постои

Корупцијата е навлезена во сите сегменти на власта: извршна, законодавна и судска, а најкорумпирани професии се судството, министерствата, раководните позиции во партиите и пратениците во Собранието. Ова е ставот на повеќе од 65% од испитаниците вклучени во теренската анкета на МЦМС за проценка на корупцијата во Македонија. 

DSC_9938

Исто како и во 2014 година кога последен пат се правеше ова истражување, и годинава корупцијата не е клучен проблем за граѓан(к)ите, односно се наоѓа на петтото место, по невработеноста, политиката нестабилност, сиромаштијата и ниските приходи. Сепак, оваа година се забележува пораст на корумптивниот притисок и вклученост во корупција.

Тоа што е проблематично е отсуството на отпор кон корупција во Македонија. На 30,5% од испитаниците им бил побаран поткуп, а 29,2% од нив, дале поткуп.

На прашањето за распространетоста на корупцијата во државните институции, општинската адинистрација е институција каде има најмногу корупција, по што следуваат полицијата, министерството за здравство и министерството за култура.

DSC_9934

Како што посочи Борјан Гузелов од МЦМС,  Владата, МВР и СЈО уживаат најголема доверба помеѓу испитаниците, како институции кои можат да се справат со корупција.

Бројот на лица кои се прогласени за виновни за злоупотреба на службената положба е многу мал. Проектирано, врз основа на проценти како што е наведено во „Извештајот за проценка на корупцијата“, бројот на граѓан(к)и на кои им бил побаран поткуп или дале поткуп изнесува 510.934, односно 480.540. Споредено со бројот на осудени лица во 2014 година, се укажува дека само 0,04% од случаите завршиле со пресуда. Односно, во 2014 година како последна за која Државниот завод за статистика објавила податоци, осудени се само 17 лица за поткуп и 193 за злоупотреба на службена должност.

Оттука, не изненадува што институции во кои анкетираните граѓан(к)и имаат најмалку доверба за справување со корупција се Судовите и Јавното обвинителство.

Оваа година, Извештајот содржи и демографска анализа на добиените податоци. Во однос на наклонетоста на партиите, 56% од симпатизерите на СДСМ, имаат искусено притисок за коруција, а кај симпатизерите на ВМРО - ДПМНЕ тој процент изнесува 25,4. Во однос на најголемите етнички групи во Македонија, 83% од Албанците се соочиле со притисок за корупција, а кај Македонците 40,6%.

Во однос на приходите, граѓаните со месечен приход од 200 евра, се најмногу подложни на корупија.

Како што денеска беше презентирано, тоа што најмногу загрижува е високиот степен на толеранција на корупцијата помеѓу младите.  За 49,6% од оние кои се на воздраст од 18 до 29 години е неприфатливо да се дадат  пари за да се реши некој проблем, додека пак тој процент е значително повисок кај испитаниците на возраст од 60 до 69 години, каде 79,9% сметаат дека е неприфатливо да се корумпира некој за решавање на личен проблем.

DSC_9935

На презентацијата учествуваше и Руслан Стефанов од Центар за изучување на демократија од Бугарија. Тој ги презентираше наодите од „Регионалниот извештај за проценка на корупција во Западен Балкан“. Податоците покажуваат дека споредено со 2014 година, ситуацијата во Македонија е влошена. Дури 30 % од граѓан(к)ите во Македонија, биле вклучени во корупција, а тој процент во регионот е повисок само во Албанија.

 

Извештајот за проценка на корупција е дел од програмата на УСАИД за антикорупција која ја спроведува МЦМС. Теренската анкета ја спроведе М-Проспект на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, во периодот од 27 јануари до 3 февруари.

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email