Извештај од изборното набљудување на Цивил на претседателските и вонредните парламентарни избори 2014

Изборниот процес во Република Македонија се карактеризира со голем број случаи на нерегуларности и максимална злоупотреба на јавните ресурси, придружен со сериозни слабости на Избирачкиот список и структурно насилство на повеќе нивоа, кои го нарушуваат демократскиот процес и работата на институциите во целост.

Изборната кампања беше остра и непринципиелна, додека повиците на јавни дебати меѓу учесниците во изборната трка владејачката партија ги игнорира веќе подолго време. Кампањите започнаа пред законски определениот рок и се водат агресивно и во голем дел, без бирање средства за дискредитација на политичките ривали. Особено остар и дискредитирачки вокабулар се забележува кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателските избори, меѓу останатото, ги одбележа и повикот на ДУИ Албанците да ги бојкотираат претседателските избори.

Етничките теми уште еднаш станаа доминантни во острите настапи на партиските лидери на владините коалициони партнери.

Манипулациите и говорот на омраза беа јасно изразени и присутни во провладините медиуми и на социјалните мрежи каде говорот на омраза, вулгарностите и грубиот речник се карактеристика на медиумски истакнати апологети на политиките на владејачката партија.

Притисокот на владејачката партија врз Цивил преку провладините медиуми и во официјалните соопштенија беше силен, крајно непринципиелен и со заканувачки тон. Се нотира и попречувањето и притисоците врз набљудувачите на Цивил на деновите на гласање во првиот и вториот круг.

ИЗВЕШТАЈОТ МОЖЕТЕ ДА ГО ПРЕЗЕМЕТЕ ВО PDF ФОРМАТ ОВДЕ.

Избирачки список

Проблемите со Избирачкиот список се регистрирани во сите општини во Република Македонија во двата круга на изборите. Оваа системска аномалија фрли сериозна сенка на изборниот процес во целина.

Проблемите се манифестираа на различни начини. На пример, голем е бројот на случаи кога гласачи можеле да гласаат за парламентарни, а ги немало на списокот за претседателски, и обратно.

Голем број извештаи говорат за гласачи кои не се нашле на Избирачкиот список. Еден дел од нив јавуваат дека се нашле на онлајн верзијата на Избирачкиот список, но не биле таму кога отишле да гласаат во избирачкото место.

Нотирани се бројни случаи каде гласачи кои гласале за парламентарни избори во една општина ги насочуваат да гласаат за претседателски во друга општина.

Фантомски гласачи и починати лица се откриени и нотирани од набљудувачите на Цивил и тоа во Кисела Вода, Центар, Аеродром, Кисела Вода, Ресен и Охрид.

Злоупотреби на јавни ресурси

Границата меѓу институциите и партијата на власт беше избришана. Цивил евидентира невидена злоупотреба на институциите, администрацијата и сите расположливи ресусрси во овој период од страна на владејачките партии, пред сé, од ВМРО-ДПМНЕ насекаде низ земјата.

Списоци со сигурни гласачи, задолжително присуство на партиски конвенции и други настани, агресивна партиска агитација и активизам, евиденција на гласачи на денот на гласањето – се само дел од редовните партиски обврски на вработените во администрацијата на сите нивоа.

Во текот на целиот изборен процес, вклучително и на деновите на гласање, нескриено се кршеше изборниот молк насекаде во земјата.

Ни ДУИ, како коалиционен партнер во власта, не се воздржуваше од ваквата злоупотреба во општините каде живеат Албанци. Злоупотреба на јавните ресурси се нотира и од страна на новоформираната партија ГРОМ во општина Карпош, како и од страна на СДСМ во општина Куманово.

Поткуп на гласачи

Речиси низ целата земја се вршеше поткуп на гласачи. Нашите набљудувачи известуваат за давање по 500 денари за претседателски и 500 денари за парламентарни избори, од страна на членови на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е нотирано Струмица, Свети Николе, Кочани, Кичево итн. На многу места тие биле и организирано превезувани до гласачките места.

Забележани се и случаи кога не се давале пари на рака, туку материјални добра, но и ваучери за во продавница. Во Свети Николе на поткупените гласачи им се овозможило да испазарат за 2.000 денари во маалската продавница.

Во текот на кампањата имаше и вработувања и ветувања за вработување. Набљудувачи на Цивил го истражија случајот со вработувањата во Југохром пред самите избори. Вработени во овој комбинат ни тврдеа дека тие се под голем притисок да гласаат за владеачката партија.

Превоз на гласачи и собирање лични карти

Партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА превезуваа гласачи со најразлични превозни средства, вклучувајќи и еден трактор. Возилата во Шуто Оризари беа обележани со партиски симболи на ВМРО-ДПМНЕ.

Се нотираат и случаи во кои гласачите биле под различни видови принуда. Лични карти од гласачи биле прибирани од полиција или од партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се обезбеди сигурно гласање во општините Шуто Оризари, Кисела Вода, Битола и Струмица.

Превоз на гласачи е нотиран и во општините Кичево, Ресен, Старо Нагоричане, Радовиш, Велес, Демир Капија, Гевгелија, Свети Николе, Кочани, Аеродром и Гази Баба.

Во Аеродром и во Гази Баба забележани се колони од по 20 возила полни со гласачи.

Пустец

Во избирачкото место 2849 во Центар се појавил гласач од Пустец за да гласа со веќе обoени палци на двете раце. Било реагирано од страна на Избирачкиот одбор, а гласачот со бегање го напуштил местото.

За дел од гласачите од Пустец постојат сомнежи дека гласале на две места – во Тирана на 26 април, а на 27 април во Скопје, со оглед на тоа што поседуваат лични документи и од Македонија и од Албанија. Кај дел од овие лица се забележува дека и двата палци им биле обележани со мастило.

Беше регистриран и организиран превоз на гласачи од Пустец, за кои Цивил поседува и фотографска документација. Гласачи од Пустец беа евидентирани во Ресен, Бутел, Центар, Кисела Вода, Кичево и Аеродром.

Незаконско однесување на членови на Избирачкиот одбор

Читањето на глас на името при идентификација на гласачот, што е забрането со закон, стана речиси вообичаена пракса.
Во Студеничани, на лицата кои биле пријавени дека се болни, на денот кога гласаа болни и изнемоштени, членовите на комисијата им носеле само листа за парламентарни избори. Кога барале да гласаат и за претседателски, членовите на Избирачкиот одбор им одговарале дека тие избори не се битни.

Во село Опае, на еден гласач му било кажано од страна на член на Избирачкиот одбор дека ќе зажали зашто гласал и за претседателски кандидат, покрај убедувањата да не го прави тоа.

Во село Нераште воопшто не се користел фломастерот за обележување.

На избирачкото место 2146 во Велес, по интервенција на претседателката, сите членови на Избирачкиот одбор го потпишале записникот пред завршување на броењето.

Јавно гласање

Јавно гласање се забележува во Битола, избирачко место бр. 0120/1, општина Ѓорче Петров, избирачките места 2570 и 2568, Студеничани, избирачко место 2341 и Кичево, избирачко место 0279 (с. Лисичани).

Во село Црешево, општина Гази Баба, цели списоци и гласачки ливчиња биле извадени од избирачкото место и однесени во возило пред гласачкото место. Возачот на возилото ги заокружува гласачките ливчиња. Потоа листата се враќала назад на избирачкото место.

Во Студеничани е нотирано како параваните се завртени кон ѕидот, така што од врата може да се види кој како гласал.

Семејно и групно гласање

Семејно и групно гласање, како и злоупотреба на асистенцијата при гласање се нотираа во 37 избирачки места и тоа во Арачиново, Битола, Велес, Гевгелија, Градско, Демир Капија, Демир Хисар, Карпош, Кисела Вода, Кичево, Кочани, Куманово, Прилеп, Пробиштип, Ранковце, Ресен, Свети Николе, Старо Нагоричане, Студеничани. Чаир, Штип и Шуто Оризари.

Еден гласач во Студеничани на избирачкото место 2346 извадил 7 лични карти, му дале 7 гласачки ливчиња и непречено гласал.

Во Радовиш едно лице гласало за најмалку 30 граѓани кои се пријавиле дека се неписмени. Избирачкиот одбор го дозволил ова.

Насилство

Насилството беше присутно повеќе како латентна закана во текот на целиот изборен процес, но во повеќе наврати се регистрира и во негова најдиректна форма. Такви се случаите на нападот на коалициониот партнер во владата, Амди Бајрам, врз потпретседателката на опозициската СДСМ, Радмила Шеќеринска, на првиот изборен круг на 13 април, внатре во ОУ Браќа Рамиз Хамид, како и физичкиот напад на активисти на ВМРО-ДПМНЕ врз активистите во придружба на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, во текот на изборната кампања меѓу двата круга, на 16 април на ул. Ѓорѓи Капчев, во населба Лисиче, општина Аеродром.

Во текот на изборниот процес и на самите денови на гласање се регистрираа тепачки меѓу партиски активисти во Пласница, Струмица, Куманово, Љубанци, с. Брњарци, Радишани и Гази Баба.

Особено симптоматичен инцидент беше тепачката во Радишани на 13 април. Таму, активисти на ВМРО-ДПМНЕ физички нападна едно семејство на Албанци во очигледен случај на насилство од омраза. Во овој инцидент полицијата не реагираше навремено.

Приведување, задржување во полициска станица

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски и неколку активисти на СДСМ беа приведени, односно повикани на информативен разговор во полициска станица, под образложение дека го кршат изборниот молк.

Кандидатот за пратеник на Народно движење на Македонија, Саше Ивановски, беше приведен во Свети Николе на 12 април, поради кршење на изборниот молк на 12 април.

Гласање на затвореници

И во првиот и во вториот круг од изборите, осуденик во прилепскиот затвор го нема на избирачкиот список и не може да го оствари своето право на глас. „И поκρај тоа што си земаа обвρсκа надлежните да ја испρават гρешκата, тоа повторно не беше направено. Се вадеа деκа од нивна стρана сé е стоρено. Лани гласав во истражниот затвор, а оваа година, споρед сопρугата, ме имало на избирачкиот списоκ во местото κаде што живеам“, вели нашиот извор од затворот.

Цивил констатира и недоследности при гласањето во штипскиот затвор, каде што, според нашите информации, на затворениците им е сугерирано за која политичка партија и за кој кандидат да гласаат.

Затворениците биле поткупувани да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а како награда добивале сапун, две обланди и по два брича. Тие биле поткупувани и со 100 грама кафе, сок и наполитанка.

Нерегуларности во текот на гласањето на затворениците се нотирани во затворот во Шуто Оризари и во Прилеп.

Кршење на изборниот молк

Кршење на изборниот молк беше нотиран во целата земја. Најупадлива и отворена агитација вршеа партиските активисти на ВМРО-ДПМНЕ и тоа преку растурање пропаганден материјал, агитација од врата до врата, агитација пред избирачките места, на социјалните мрежи, како и поткуп на гласачите на деновите на гласање на 13 и 27 април.

Илустративен е случајот на пуштање писмо со поддршка на претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов до гласачите потпишано со името и позицијата на градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски во време на изборен молк. Освен кршење на изборниот молк, ова претставува и злоупотреба на јавните ресурси, односно позицијата градоначалник.

Нотирано е кршење на изборниот молк и од страна на партиските активисти на СДСМ, ДУИ, ДПА, ГРОМ и Народно движење на Македонија.

Зголемено присуство на полицијата

Големото присуство на полицијата, некаде и со специјални единици и со оклопни возила, пред избирачките места или внатре во избирачките места упатува на тензичност, недостаток на демократска атмосфера и е вознемирувачко за гласачите. Посебно проблематично е присуството на вооружени полицајци на самите избирачки места. Оваа состојба предизвикува тензија во текот на целиот изборен ден, особено на денот на гласањето на 27 април.

Зголемено присуство на полицијата се нотира во Струмица, Тетово, Битола, Бутел, Центар, Чаир, Аеродром и Арачиново. Присуство на вооружени полицајци внатре во избирачкото место се нотира во Штип, Демир Капија, Карпош, Аеродром, Чаир и Битола.

Деца и млади во кампања

Децата и младите беа систематски злоупотребувани во текот на целата изборна кампања. Масовно ги испраќаа по градови за да присуствуваат на партиски собири и конвенции и тоа во време предвидено за престој во училиште.

На социјалните мрежи децата и младите се појавуваа накитени со партиски обележја. На партиските активности на теренот, децата и младите беа знаменосци. Ова особено беше забележливо во партиските настапи на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, додека малолетници со маици и други партиски обележја можеа да се забележат кај ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ДУИ.

За првпат, набљудувачите на Цивил забележаа уште една сериозна нерегуларност поврзана со злоупотреба на деца, односно малолетници. На избирачкото место 0337 во Гевгелија се забележани малолетници кои гласале.

Проблеми со маркерот

Како и во првиот изборен круг за претседателски избори, така и на денот на гласањето во вториот круг, односно на парламентарните избори, набљудувачите на Цивил известуваа за проблеми со маркерот кој се брише веднаш по обележувањето на гласачите.

Ова се забележува во сите општини низ цела Македонија.

Попречување на набљудувачите на Цивил

Попречување на набљудувачите на Цивил се нотира во вкупно 21 случај на 13 април и 27 април.

Попречувањето вклучуваше недозволување присуство на избирачкото место, легитимирање, притисоци, навреди и два случаи на обид за физички напад во општините Шуто Оризари и Струмица.

Во случајот со Струмица, иако е побарана, била одбиена полициска асистенција. ДИК не се произнесе ни по претставката на Цивил за попречување на набљудувачите.

ЦИВИЛ и ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) нема да ги разгледа нерегуларностите и забелешките кои ги испрати невладината организација Цивил на денот на изборите.

Ние вашите забелешки ги сметаме за информации и не можеме да одлучуваме ништо по нив. Ова денеска го изјави претседателот на ДИК, Никола Рилковски, на конференцијата за печат.

“Од невладината организација Цивил добивме голем број забелешки, но тоа за нас е доставување материјал од информативен карактер. Тоа не се податоци за кои ние конкретно ќе одлучуваме. Ние само ќе одлучуваме за тоа што ќе го добиеме како официјален податок од приговорите”, рече Рилковски.

Потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи, за Цивил Медиа изјави дека Цивил не е активен во изборите и дека само политичките партии можат да ги користат забелешките на кои Цивил укажа.

“Вие не сте активни на изборите иако имате набљудувачи. Вашите извештаи не се обврзувачки за ние да реагираме, тие се само информации. Не е наша обврска да реагираме. Политичките партии во рок од 48 часа може да ги земат вашите забелешки како информации и да реагираат”, рече Јакупи.

Цивил вчера поднесе документ до ДИК кој содржеше речиси 250 случаи на нерегуларности на денот на гласањето. Две забелешки и извештај за нерегуларности беа поднесени до ДИК и во текот на предизборната кампања, односно еден ден по денот на гласањето во првиот круг на изборите.

Скопје, 29 април 2014

Проект: Слободни избори 2014

Цивил го набљудуваше периодот на предизборна кампања со 50 набљудувачи, додека на денот на гласање во првиот круг се акредитираа 75 мобилни набљудувачи, а во вториот круг со 113 набљудувачи. На терен излегоа и 60-ина активисти и волонтери на Цивил и други организации со кои соработува Цивил.

Во текот на денот на гласањето, акредитираните набљудувачи на Цивил опфатија околу 5% од 3,480 избирачки места во речиси сите општини на земјата во првиот круг и 10% во вториот круг.

Цивил го набљудува изборниот процес во рамките на проектот Слободни избори 2014, финансиран од Амбасадата на САД, Швајцарската агенција за развој и соработка, Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Фондација Институт отворено општество Македонија и Форум Цивилен мировен сервис – програма Македонија.

Цивил ќе публикува опширен и детализиран извештај за нерегуларностите во текот на целиот изборниот процес на крајот на проектот.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish