Изборната кампања во Шутка започна на Курбан Бајрам

Помина и најголемиот муслимански празник Курбан Бајрам, кога верниците принесуваат жртва (здраво животно) како симбол на нивното верување во Алах, а месото го разделуваат на сиромашните, роднините и пријателите. Но, дали и на овој празник триумфираа партиите?

деки

Пишува: Дехран Муратов

Експремиерот и актуелен лидер на ВМРО - ДПМНЕ, Никола Груевски во последните неколку Бајрами е редовен (специјален) гостин во Амди Пашината џамија во Шутка. Тој со неговото присуство им одаде почит на верниците и на неговиот коалиционен партнер Амди Бајрам, лидерот на Сојузот на Ромите. Се поставува прашањето, зошто Груевски не посетува други џамии во Македонија? Дали е најбезбеден или најдобро дочекан од Ромите „на Амди“ во Шутка, па поради тоа нема потреба да им оддаде почит и да им честита на верниците во Јахја Паша или Мустафа Паша џамијата,  или во Шарената џамија... Или, си ги поделија и џамиите и верниците со нивните коалициони партнери од ДУИ, или и со ДПА...?

Дали Груевски и останатите политичари, тој ден беа во џамијата за да видат како слават Ромите - приматели на социјална парична помош на кои им е исклучена струјата, кај оние на кои им е извршена присилна наплата за радиодифузна такса, кај оние кои немаат ниту масло и ниту шпорет, за да го зготват месото што го добиле за Курбан Бајрам...

Дали Груевски, Коце, Амди, Неждет, Самка, Ременски..., беа на честитање кај Ромите што живеат на улица, откако пред извесен период, багерите на Град Скопје им ги урнаа импровизираните куќарки под скопското Кале...?! Отидоа ли да видат дали дечињата имаат Бајрамска баклава, облека, бонбончиња... И да им посакаат мир, хармонија, петки на училиште (секако, ако воопшто се запишани), или, тие не се сметаат за верници ако немаат сопствен дом?! Ама, сепак, имаат лични карти, па на следните избори можеби токму нивните гласови ќе одлучат за победата.

Бајрам значи радост, но колку од тие дечиња, барем тој ден ја почувствуваа радоста? На граѓаните повеќе не им требаат лажни честитки кои доаѓаат од политичарите, особено не - пред избори, кога секој глас им е битен. Граѓаните бараат од политичарите да им обезбедат услови, самите да може да си направат баклава, да купат нова облека за децата, да имаат пари да подготват празнична семејна трпеза...

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев беше на честитање кај истакнати ромски опозиционери во Шутка...

Редовната посета на Шутка на лидерите и членовите на двете најголеми македонски политички партии, би била најнормална работа во едно здраво општество, меѓутоа...

Print Friendly, PDF & Email