ИЗБОРИТЕ ДАЛЕКУ ОД ДЕМОКРАТСКИ!

 Цивил- Центар за слобода, на неколку дена пред денот на гласањето за Локалните избори, ги соопшти досегашните сознанија за нерегуларности евидентирани на територијата на целата држава , кои говорат за огромен број прекршувања на правилата и законите, така што веќе сега може да се каже дека овие избори не се ниту фер и демократски, а ниту слободни и ненасилни

Стотици, а сигурно и над илјада, се досегашните прекршувања на правилата за фер и демократски избори но и на Изборниот и другите закони кои треба да гарантираат регуларност на овие Локални избори 2013.

213 (Small)Ова е генералната оценка на Цивил – Центар за слобода, искажана на денешната прес-конференција, на пет дена пред денот на гласањето на 24 март, на која беа сумирани досегашните резултати од активностите во рамките на проектот Слободни и ненасилни избори 2013.

Информациите од соработниците ангажирани во рамките на овој проект, кои ја покриваат територијата на целата држава, како и од мобилниот тим на Цивил кој посети голем број општини и населени места, говорат за голем број нерегуларности и незаконитости, така што уште сега може да се каже дека и овој изборен процес не може да биде оценет како фер и демократски.

Пред новинарите беа изнесени информациите за најчестите прекршувања забележани во голем број општини, со напомена дека конкретните информации, за прекршителите, местата каде што се случувале тие  и други детали, ќе бидат објавени во конечниот, сеопфатен извештај што ќе го изготви и публикува Цивил на крајот од целиот процес.

Претседагтелот на Цивил Џабир Дерала и координаторките на медиа-мониторингот, Анукша Цветковска, и на работните групи за превенција, Албулена Карага, пред претставниците на голем број медиуми, ги изнесоа иформациите од терен за најчестите видови прекршувања, поради кои овие избори веќе пред завршувањето на целиот процес не можат да се оценат како слободни и ненасилни.

„Нашите соработници на локално ниво на територија на цела Република Македонија, од теренот известуваат дека како што се ближи денот на гласање така зачестуваат ветувањата за вработување во локални или државни институции насекаде во државата.

Критериумите се многу повисоки, односно се бараат повеќе гласови од оние на кои им се ветува вработување. Голем дел од тие на кои им се ветува работно место, им се кажува дека само ќе бидат земени предвид, односно ќе се искачат повисоко на листата за вработување.

И гарантните листи за кои зборувавме на претходната прес конференција се сеуште многу актуелни.

Објавување на огласи за вработување се забележува на повеќе места во земјата. Уценување со социјалната помош, односно укинување или доделување на социјална помош на сиромашните граѓанки и граѓани.

Студентски стипендии кои доцнат три години, се исплатија во текот на овие денови, при што се врши притисок на стипендистите да бидат активни агитатори.

210 (Small)Поткуп – плаќање сметки за струја, давање пари за гласови и за присуство на митинзи (1000-3000 денари), материјални добра како пакети со храна, масло за домаќинствата, 25 кг. брашно за еден глас...

Како форми на притисок врз граѓаните во повеќе општини, но и во државните институции се забележани отпуштања и закани за отпуштања од работа. Начин на посредно „купување гласови“ е и вработување по договор за дело во фирми кои се изведувачи за општината.

Администрацијата низ цела држава не одат на работа, туку се активирани по изборни штабови и на терен за агитирање.

Градежни зафати се гледаат насекаде.

Тешко прекршување е злоупотребата на децата и малолетниците, што се гледа насекаде. Присуство во штабови, лепење плакати, онлајн активизам итн. Тука мора да се нагласи дека истите овие деца и млади се главните извори за промовирање на говорот на омраза во социјалните мрежи.

Преку децата во училиштата, во текот на наставата, наставниците-партиски војници се обидуваат да влијаат на гласачите, односно на родителите на учениците.

Во еден дел од училиштата или нивната непосредна близина се забележува големо присуство на плакати и партиски пропаганден материјал. Имајќи предвид дека голем дел од училиштата се и гласачки места, и ова е грубо прекршување на изборните правила.

Кинењето на плакати и оштетување/кршење на партиски штабови е веќе редовен македонски изборен фолклор кој дури и самите партии повеќе не го сметаат за некој посебен инцидент.

Под посебно голем притисок се помалите етнички заедници и социјално ранливите групи во општеството.

Се забележува голем страв кај граѓан(к)ите, особено во однос на нивните лични податоци и тајноста на гласањето.

Се забележува голем притисок и врз одреден број невладини организации, при што за влијаење врз активистите се активираат и институциите, како судовите и полицијата.

Како посебно ризично се нагласуваат зачестените најави за инциденти во одредени општини со цел да се попречи гласачкиот процес и да се спречи завршувањето на изброниот процес во еден круг, за да се добие време и простор за дополнителни притисоци врз гласачите.

Независните кандидати, како и нивните поддржувачи се исто така под силен притисок.

Имаме дојави и за полициски службеници кои се активни во партиските кампањи, за што ќе реагираме и до МВР“.

Ова беа дел од забелешките во врска со изборната кампања, како сознанија од теренот, пренесени на денешната (19 март) прес коференција на Цивил.

Што се однесува до медиумите и медиумското известување во текот на предизборниот период, тргнувајќи од тоа дека медиумите имаат голема улога во демократските процеси, и се рефлексија на етичноста и почитувањето на човечкото достоинство во општеството, во рамки на проектот  Слободни и ненасилни избори 2013, Цивил реализира секојдневен и целосен мониторинг на сите печатени медиуми, а ги следи и електронските и интернет-медиумите.

“ Јавните медиумски услуги се извор на информации кој е одговорен пред јавноста и кој има посебна одговорност во своите програми да обезбеди правично, балансирано и сеопфатно покривање на настаните,така што уредувачката независност на медиумите особено добива значење во период на избори, смета тимот за медиа мониторинг на Цивил.

Нашиот мониторинг до сега констатира дека,  за жал, спротивно на сите професионални и етички кодекси, во изминатиот период сериозно се прекршуваат законската рамка и професионалните стандарди на известување.

Говор на омраза, пристрасност и сатанизација на партиско-политичките опоненти, етноцентричност, национал-шовинизам и дискриминација како по идеолошко-партиски, така и по уште почувствителните меѓуетнички прашања“.

Ова се само мал дел од забелешките во однос на предизборните нерегуларности и непрофесиналното покривање на локалните избори од страна на медиумите, кои ние ги упатуваме на адреса на политичарите, политичките партии и активистите, новинарите и уредувачките политики.
Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish