Сакајте ги своите деца...

И најтивката солза која се раѓа во самотната борба со очајот, не се губи во океанот на ништожноста, туку, запишани со мудрата рака, со посредство на животот, се пренесуваат вредностите од човек на човек, од мајка на дете, од училиште на ученик. И така, од генерација на генерација... Квалитетот на пренесувањето на вредностите, на оние трансисториски, вечни вредности, како што се љубовта, достоинството и почитта кон другиот, зависи и од квалитетот на условите на живот за нашите деца, кои ние, како родители, или некои (за жал, не секоја) воспитно-образовни институции, сесрдно се трудат да им ги овозможат...

muaZsOmПрочитав многу ратификувани спогодби, конвенции, декларации..., кои зборуваат за заштита на фундаменталните потреби на детето, нивните права, правото да живеаат достоинствен живот. За жал, дури и денес, во 21-от век, не постои свест за заштита на детето и за правото да живее квалитетен, исполнет со љубов достоинствен живот, дури и во ситуација кога воспитно – образовните институции можат да го пружат тоа...

Токму таа љубов е спиритус агенс, која подоцна во животот на детето ќе му обезбеди живеење на квалитетен живот, создавајќи кодекс за пренесување на духовните вредности на Љубовта. Љубовта кон светот, кон другиот, па и кон самиот себеси, љубов што креира една највозвишена филозофија, а која се огледа во начелото: Hommo hommini sacra est!. Наспроти она на сто усте не потсетува Хобс – Hommo hommini lupus est!, односно, дека, човек на човека е волк.

Детето, за жал, денес е инструмент на возрасните кои така вешто го отфрлаат заради својот личен комодитет или лични придобивки и ниски страсти, притоа, не обезбедувајки му ја фундаменталната потреба – да ги живеаат најсреќните детски денови... Па, се прашувам: зарем цовекот стана Кралицата Ламија, добро познатата јунакиња од грчката митологија, монструмот што ги изеде децата - за што беше засекогаш казнета...

Го гледам своето дете и во немиот поглед и стисокот на малото дебело раче, слушам еден јасен, искрен, детски плач кој вапи за Љубов и не можам да одам понатаму, претварајќи се дека таму некогаш или некој. можеби нема да направи уште нешто да го отфрли и повреди моето дете, наместо да го заштити. Затоа знам, ние сме тие кои треба да им ја дадеме светлината на нашите деца, онаа со која Бог не благослови нив да ги имаме. Или, едноставно, како некои, можеме пред нивниот плач и крикот за Љубов, да ја свртиме главата и да ги оставиме, бранејќи ја налутено, единствено нашата суета и гнев, нашата ниска, човечка не-мајчинска љубов без да почувствуваме несто. Останува да веруваме дека не можеме да паднеме, во најдлабоката темнина на постоењето, затоа што ние сме тие деца, ние сме тој свет... Спасувајќи ги нив, се спасуваме и самите себеси и светот во кој децата остануваат.

Понекогаш, гледајки го матниот од солзи израз на моето дете, не може а да не се јави кај мене еден длабок божји глас дека љубовта и надежта, вистинските воспитни вредности - грижата за детето и неговото детство, еднаш во животот ќе дојдат. Тоа е мисла со која опстојувам, без разлика дали очајувам врз сознанието дека моите деца се осудени единствено на мојата Љубов, или од животот или од некогаш силните, трагични чувства...

Почитувани родители, сакајте ги своите деца и не дозволувајте никој во нивните најрани години да ги отфрлува, понижува, клевети, да ги вовлекува во игри со темна заднина во која тие ќе се заплеткаат ... Затоа што нема нисто потешко од тоа да го видите сопственото дете во еден збунет, детски очај. Иако му е толку природно да ја добива вашата љубов, љубовта од возрасните со кои доаѓа во контакт - за жал, ниедна друга емоција, не ќе може да го избрише тој детски израз. И, не ќе има шанса да ги живее најсреќните мигови во животот, кои, рака на срце, кај повеќето од нас се токму тогаш, во детството, кога се чувствуваме заштитени и сакани од нашите родители, нашето училиште...

Ако сме на светот дојдени заради Љубовта, тогаш, нашата најголема мисија е да љубиме, да го сакаме секое дете... Ако љубов немам, ништо не сум..

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители. Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво. Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.

Print Friendly, PDF & Email