Искоренувањето на тероризмот и омразата бара мотика, а не молитва!

Цирих, Берлин, Анкара..., пред тоа Алепо, летово Кабул, Минхен, Ница… Пред тоа, Истанбул, Орландо, Париз..., се само показатели и сигнали дека со човештвото денес сè повеќе владее омразата и глупоста, а дека тоа забрзано ита кон уште повеќе несреќа, жртви, војни…

petrit-saracini-500x500-1-1-200x200

Пишува: Петрит Сарачини

Тој пат нема да се спречи само со молитви за жртвите. Тој пат нема да се спречи ако христијаните ги обвинуваат муслиманите за теророт врз нив, и обратно. Тој пат нема да се спречи со малодушност од типот - „вчера те имаше за Анкара, кај си за денес за Орландо?". И слични идиотштини, кои само им одат во прилог на оние кои ги прават гадостите. А ги прават не поради вера, идеологија, идеали, слобода, демократија... Тоа се само работите кои треба да ги џвака „народот". Во заднината на овие „свети војни" не се крие ништо друго, туку глад за пари и моќ.

Оваа игра е возможно да престане само ако човештвото стане одеднаш, секаде - и во Америка, и во Русија, и во Кина и во Индија, и во Пакистан и во Британија, и во Африка и во Франција... Човештвото треба да стане секаде, во секоја држава, да си ги подбере разузданите политички, верски и бизнис елити. И да се избори за слобода. Одеднаш и секаде! Парцијалното станување никогаш нема да донесе резултат, затоа што злото се храни и помага меѓусебно.

Секако дека сме далеку од таква свесност кај поголемиот дел од човештвото. Што поблиску се луѓето до бруталната вистина, тоа се поблиску и до опасноста да бидат замолчени, привремено или засекогаш. Далеку е поверојатно злото, кое е во моментов поорганизирано, помоќно, секако повооружено и побогато, да надвладее и да продолжи да владее, со уште повеќе крв. При ваква состојба,  „природно“ е - луѓето, во замена за сигурност и живот, да се откажуваат од своите права и од слободата. Како што се учат децата во учебниците во Македонија...

Сепак, знаејќи ги овие работи, вреди човек да се бори, и да гледа малку подалеку од своите светогледи, често омеѓени од локалните потреби и непосредните опасности за него и за неговите верувања, за неговото семејство, народ, држава. Оти, кај нас, сè уште нема терористички напади. Но, ѕвечкањето со оружје, пукањето по улици, заканите со надгробни плочи, некролози, погребни венци и слични „весели“ работи, тепањето луѓе поради јавно изразен политички став или припадност, кршењето и палењето автомобили, штабови и канцеларии, стануваат секојдневие. Неказнето секојдневие.

Не знам дали се разбравме, но ете, да каже Младичот и нешто вака, поглобално, оти, го мачи тага и го боли кога гинат и страдаат невини луѓе секаде во светот и во неговата земја. А не е многу по молитвите, оти оваа нива за која муабети Младичот, бара мотика, а не молитва.

Print Friendly, PDF & Email