Германското МНР до ВМРО-ДПМНЕ: Изборите ќе и помогнат на земјата ако има услови за нив

Со став за оценката на Европската комисија во врска со подготовките за парламентарни избори во Македонија, се огласи и Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Во соопштението се вели дека  Сојузната Влада ја дели оценката на Европската комисија во врска со состојбата на подготовките за парламентарни избори во Македонија, и оценката дека се потребни понатамошни реформски чекори, пред да постои можност за избори според европски стандарди.

Лоцирајќи ја одговорноста за изборните подготовки кај потписниците на спогодбата од Пржино, Сојузната Влада ги повикува засегнатите партии да вложат напор, конструктивност и политичка волја за да изнајдат заедничко решение, кое ќе ја придвижи земјата напред во евроинтеграциите.

„Тоа важи, пред сè, за владејачката партија ВМРО: И таа не смее да се огради од сознанието дека изборите ќе ѝ помогнат на земјата единствено ако претходно се создадат предуслови за нивно фер спроведување, согласно европските стандарди. За да се обезбедат еднакви шанси (“level playing field„) за сите партии, неопходни се веродостојни избирачки списоци, медиумски реформи, кои сѐ уште не се спроведени, како и разграничување меѓу партија и држава, кое недостига“, стои во соопштението кое е објавено и на веб страницата на Германската амбасада во Скопје.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian