Власта повторно го покажа вистинското лице

Скандалозното спречување на Народниот правобранител Иџет Мемети да им се обрати на пратениците на мнозинството во парламентот, уште еднаш ја соголи вистинската природа на партиите на власт!

Иако се обидуваат пред македонската јавност да се претстават како конструктивна страна во актуелните преговори за надминување на длабоката политичка криза, партиите на власт повторно го покажаа вистинското лице.  Всушност, одлуката да не му се дозволи на Омбудсманот да зборува во Собранието, е најдобра илустрација за менталниот склоп на автократската елита на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, која толку лагодно владее со Македонија, откако на клоци беше набркана опозицијата, сосе медиумите, на 24 декември, 2012 година.

Sinisa Stankovic

Синиша Станковиќ

Вистина е дека Мемети најде за потребно да им се обрати на пратениците токму поради скусените пари за неговата институција, а имаше и премногу причини во последниве години да зборува и протестира во јавноста и, пред сѐ, во парламентот.

Сепак, многу поважни од обвинувањата кон омбудсманот (кој сега конечно, треба да реши дали поради начиниот на кој беше избран и поради молчењето во претходните 32 месеци за „црниот понеделник“  -  самиот ќе си замине од функцијата) е симнувањето на „демократските“ маски на македонските властодршци!

Тие, едноставно, немаат демократски капацитет и потенцијал за соочување со реалноста, и воопшто не се подготвени да слушнат поинакво мислење. Без оглед на силата на аргументите на јавноста, претставниците на партиите на власт кои девет години бегаат и од најнаивните прашања на професионалните новинари и нивните послушници и мегафони кои  секојдневно се резилат - рецитирајќи ги спиновите за „работењето 24/7“ и за „гревовите“ на опозицијата, по којзнае кој пат, и со бркањето на Омбудсманот од Собранието, уште еднаш докажаа, дека немаат намера да ги прифатат демократските правила за фер натпревар.

Што ли ќе ги дочека опозиционите пратеници во парламентот на 1 септември?

 Синиша Станковиќ

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English