Граѓаните снимаат!

Во тек е третиот циклус на натпреварот Биди граѓански новинар. ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со наградување на граѓанските новинарки и новинари и ги потикнува да се активираат.

Сите што имаат паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, можат да бидат граѓански новинарки и новинари и со своите видео, аудио и фото записи да учествуваат во проектот „Граѓански објектив“. Снимките, фотографиите и текстовите не мора да бидат високо-професионални, бидејќи пресуден критериум е информацијата. Прилозите на граѓанските новинарки и новинари може да се однесуваат на различни видови злоупотреба на позицијата, закани, дискриминација, поткуп, злоупотреба на јавните ресурси и други нерегуларности.

Досега се доделени десет награди на граѓански новинари за јануарскиот и февруарскиот циклус.

Дел од наградените, низ своето лично искуство ги повикаа и останатите граѓанки и граѓани да се вклучат во натпреварот. Порачаа да се победи стравот и да се остави Македонија како понормална држава за следните генерации.

Задолжително е материјалите кои ќе ги испраќате да бидат придружени со контакт на авторот, опис на времето, местото, текот на настанот и учесниците во самиот настан. Авторите, како и лицата кои се вклучени во прилозите може да останат анонимни зависно од договорот со авторите и од законската регулатива за овој вид продукција и издаваштво.

Секој месец, петте најуспешни трудови се наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото,видео, компјутерска и телефонска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е 110 долари.

Општа цел на проектот „Граѓански објектив“ е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на престојните избори, да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси и да се идентификуваат случаите на кршење на гласачкото право.

Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.


За пристап до ФОРМУЛАР ЗА УЧЕСТВО кликнете ТУКА. Прилозите може да се испраќаат и на [email protected], а доколку материјалот е преобемен, треба да се користат онлајн сервисите за трансфер, како WeTransfer.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English