Граѓаните протестираат против Стевчо Јакимовски и урбаната мафија

Граѓанките и граѓаните на општина Карпош веќе подолго време бараат одговори од градоначалникот Стевчо Јакимовски. Тие повикуваат на средба и прес-конференција утре (сабота), на 6 февруари, пред просториите на општината (кај училиштето „Лазо Трповски“ во населбата Карпош 3), со почеток во 12:30 часот.

Граѓаните сакаат да знаат како градоначалникот ги дефинира поимите фиктивен ДУП и фиктивни паркиралишта, бидејќи такво нешто во законите не постои? Какви гаранции нуди општината дека фиктивното нема да стане реално? На кој образец се доставуваат потписи за свикување на собир на граѓани и кои се законските услови за свикување на собир на граѓани? Што се прави во однос на приоритетите утврдени со Локалниот Акционен План за животна средина за периодот 2011-2017 и каде се резултатите од активностите преземени и ставени на хартија, поткрепени со буџет?

Партизански одреди

Од протестот на 30 јануари

Неформалните здруженија на граѓаните на општина Карпош исто така ќе побараат од Општина Карпош, наместо да му плаќа на „Сити мол“ паркинг места за жителите на Карпош кои живеат во контактните зони со молот, да ги искористи сите правни механизми и да му наложи на раководството на „Сити мол“ да си обезбеди бесплатен паркинг за своите посетители, како што прават сите молови во светот. Особено оние кои заради урбанистичка грешка се сместени сред станбени населби. Со тоа би ја избегнале апсурдната ситуација што ја предлага општината: жителите на Карпош „бесплатно“ да се паркираат во „Сити мол“, додека пред нивните згради бесплатно се паркираат посетителите на молот од цела Македонија, јужна Србија и Косово.

Тие побараа од општината да работи транспарентно, да ги вклучи граѓаните во процесите на донесување одлуки и да го штити јавниот интерес, а не интересот на урбаната мафија. Граѓаните исто така го потсетија градоначалникот и општинарите дека падот на вредноста на нивните станови заради деградирањето на животната околина со прекумерна изградба и хиперпродукција на станови - не е развој. Уништеното зеленило – не е развој. Издувните гасови, сообраќајниот метеж и загаденоста на воздухот - не се развој.

Во писмото со кое најавуваат прес-конференција, граѓаните најавуваат дека ќе протестираат сѐ додека не се исполнат нивните барања и ќе се борат против, како што велат, „профитерскиот урбанизам кој ги обезвреднува нашите имоти и го уништува препознатливиот квалитет на живеење во Карпош”.

Биљана Еверет

Print Friendly, PDF & Email