“Фридом хаус”: Македонија бележи пад во сите категории!

Пад во шест од седум политички и општествени категории бележи Македонија, според најновиот извештај на „Фридом хаус“ - Нации во транзиција”. Генералната оценка за демократскиот развој во Македонија од 4,07 минатата година, се качува на 4,29, на скала каде 1 - е најдобра, а 7 - најлоша оценка. Заклучокот од овој извештај е дека - живееме во хибриден режим.

Категориите како што се изборен процес, независни медиуми, национално демократско владеење, правна рамка и независност, корупција и демократски рејтинг, оваа година се оценети полошо, споредено со изминатите осум години.

“Демократското владеење во Македонија продолжува да се влошува и во 2015 година.  Според извештајот на Европската комисија за 2015 година за напредокот на Македонија, земјата заостануваше во голем број на области, особено во судството и слободата на изразување”, стои во последниот извештај на „Фридом хаус“.

Влошувањето на политичката криза, укажувањата на масовно незаконско следење на граѓаните и на огромни злоупотреби од претставниците на власта, индикациите за изборна измама со што се фрла сомнеж врз веродостојноста на претходните национални избори, како и индикации за политичко мешање во работата на судството и сомневања за вмешаност на високи официјални претставници на Владата во голем број на корупциски шеми, се само дел од посочените причини за падот на демократијата во Македонија.

Untitled

Најнегативната оценка од 5,25 - се однесува на медиумските слободи. Како причина за тоа се наведуваат индициите за незаконско следење на новинари, наводна Владина контрола врз уредувачката политика на медиумите, а се зголемуваат и заплашувањето и нападите врз новинарите.

Единствено се бележи нагорна линија во категоријата - граѓанско општество, што зборува за позитивниот ефект од вклучувањето на граѓанските организации како што е ЦИВИЛ – Центар за слобода во политичките и општествените процеси во државата.

Полоша  оценка за демократијата во регионот добила само  Босна и Херцеговина - 4,50 по што следува Македонија - 4,29, Црна Гора - 3,93, Србија - 3,75 и Хрватска со оценка - 3,68.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email