„Новогодишна“ седница на новиот состав на Собранието?

Дали со завршувањето на 2016-та година ќе се стави крај на дилемата за тоа кој ќе формира влада? Според Член 63 од Уставот на РМ, „новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори“. Во конкретниот случај, тоа е последниот ден од годината, 31-ви декември. „Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието, од претходниот состав“.

Со оглед на тоа дека сé уште е неизвесно кој ќе ја формира новата влада, останува отворено прашањето дали Трајко Велјановски в петок ќе свика конститутивна седница, со која треба да заседава највозрасниот пратеник, односно, Бранко Манојловски од ДУИ.

Доколку тоа не се случи, Уставот предвидува, на дваесет и првиот ден од одржувањето на изборите, пратениците да се состанат сами и да го конституираат Собранието.

Во текот на утрешниот ден, се очекува Државната изборна комисија, да ги објави конечните резултати од предвремените парламентарни избори, по што треба да се одржи и конститутивната седница. Во рок од 10 дена по конституирање на новиот собраниски состав, Претседателот на државата е должен мандатот за состав на новата влада да го довери на партијата или партиите што имаат мнозинство пратеници во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена, до Собранието поднесува програма и го предлага составот на Владата. Потоа, Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Мандатот на владата која ја договорија четирите најголеми политички партии на 20ти јуни, а која беше формирана со цел одржување на предвремените парламентарни избори, истекува утре.  Замениците-министри во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика, Агим Нухиу и Ибрахим Ибрахими,  ќе ги преземат надлежностите на Оливер Спасовски и Фросина Ташевска-Ременски, сé до формирањето на новата влада.

Тоа што во овој момент е сигурно е дека ВМРО–ДПМНЕ освои 51 мандат, СДСМ - 49, ДУИ - 10 мандати, Беса - 5, Алијанса за Албанците - 3 и ДПА - 2 мандата. Овие бројки оставаат простор за повеќе различни комбинации и коалиции, што го прави непредвидлив составот на новата влада.

339f4c3b00000578-0-image-a-133_1461857017635

 

Формирањето на нова влада и за Европската комисија е од суштинско значење, затоа, како што известува портпаролката Маја Коцијанчич, тие нема да му честитаат на победникот на предвремените парламентарни избори, сé додека не се формира влада.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian