Фатон Алити, ПДП: ВМРО-ДПМНЕ сака нови избори со нивна контрола врз институциите!

„Комбинаториките, односно, математиките дозволуваат сé! Меѓутоа, ако се има предвид државата, а не власта, ако се имаат предвид државните интереси, тогаш мислам дека треба да се потенцира, да се стави акцент на изнаоѓање на начин на реоспособување на институциите. Затоа што сметам дека ние немаме институционална криза, ние сме пред колапс на државните институции! Со ваква реторика, со ваква, можам слободно да кажам, политика во последниве десет години, не мислам дека може да се подобрат условите и очигледно е дека ни се неопходни промени“, изјави во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, лидерот на Партијата за демократски просперитет, Фатон Алити.

„Неопходна ни е промена на пристапот кон решавањето на различните проблеми, како нефункционалноста на институциите. Судејќи по она што е кажано и изјавено, па и на одреден начин направено, мислам дека е неопходна промена на власта. ДУИ е еден од елементите кои се посочуваат дека во внатрешната организација имаат индивидуи кои можеби се инкриминирани, но сепак, бројките покажуваат дека без ДУИ не може да има влада. Доколку тие одлучат да не влезат во составот на владата, тоа би значело нови избори коишто мислам дека не се многу добра опција, затоа што тие избори би биле организирани од институции што се целосно контролирани од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и мислам дека во таков случај би имале непожелни резултати“, смета Алити.

ЦИВИЛ Медиа: ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во кое категорично стои на ставот дека не може да ги прифати барањата од Платформата на трите албански партии...

АЛИТИ: Па добро, тие така сметаат. Всушност, тие прават еден спин кога велат дека употребата на албанскиот јазик на целата територија ќе доведе до задолжително учење на јазикот и федерализација, што едноставно, не е така. Тоа би значело дека секој државен орган, во било кој дел од Македонија, каде некој граѓанин би се обратил на албански, да може да му се одговори на истиот јазик. Што не гледам дека е некој голем проблем. Меѓутоа, тоа намерно се проблематизира од ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ знае дека тоа не е така, знае дека тоа не значи задолжително учење и слично... И тоа, токму поради фактот што сметам дека тие не сакаат да формираат влада. Тие сакаат нови избори, со нивна контрола на институциите. Затоа е таква нивната реторика. Инаку, и тие не се убедени дека тоа е така.

ЦИВИЛ Медиа: Како ПДП гледа на можна коалиција на ДУИ со СДСМ?

АЛИТИ: Па, нема друга опција. Или, ДУИ и СДСМ, плус Алијансата или Беса, затоа што ДУИ и СДСМ заедно немаат 61 пратеник, или нови избори. Јас не гледам друга опција. Навивам за првата, не поради тоа што ние сме некаков дел, ние не сме дел од ниту една опција. Сметам дека секогаш треба да се има предвид државата и граѓаните, а не власта. Ако сме одговорни за државата, мислам дека најдобрата опција и за одглавување на веќе заглавените евро-атлантски процеси е СДСМ и ДУИ плус некој трет, па зошто не и четврти...

 

Моника Талеска

Камера: Атанас Петровски

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian