Заев: Груевски не смее да формира влада!

„Мнозинството гласаа за живот, избраа промени и порачаа дека не сакаат криминалци да владејат во Македонија“, истакна лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција. Тој им порача на сите политички партии да не се обидат да ја поништат волјата на граѓаните со формирање на коалиција со партијата на Никола Груевски. Заев потенцираше дека Груевски нема лесно да се откаже, но дека тешко извојуваната победа на опозицијата ќе биде запишан во историјата.

„Постојат разлики во резултатите од записниците на избирачките места и резултатите што ги објави ДИК за истите тие избирачки места. Само ако се корегираат овие бројки, СДСМ има поголем број мандати во ИЕ 6, со што соодносот на добиени мандати е 50:50. Поради констатираните нерегуларности, за коишто известија и набљудувачите на изборите, ќе поднесеме и приговори, така што, вистинската слика за бројот на добиени мандати ќе ја дадат конечните резултати. Независно од овие пребројувања што се во тек, едно е кристално јасно! Граѓаните се изјаснија дека повеќе нема место за политичари како Никола Груевски. Сакаат добар живот, сакаат независни институции, сакаат праведна и правична држава, сакаат Македонија за сите граѓани, и тоа ќе се случи“, рече Заев.

На новинарско прашање дали ќе коалицираат со ДУИ и со другите албански политички партии, Заев одговори дека сите опции се отворени, но за тоа ќе се изјасни, откако ќе бидат познати конечните резултати.

 

Print Friendly, PDF & Email