Двочлено семејство со лавовски срца

Сонував со отворени очи, долги ноќи, откако ќе заспиешe пијан или трезен, со време не беше ни битно... Имав стан во којшто јас и мојата ќерка се будевме секое утро во мир и љубов. Овој сон ме држеше сите тие бескрајно долги денови, години, од несреќниот  момент кога првпат стапнав во твојата куќа...

muaZsOmБеше мој покрив полни пет години, но ниту еден миг не беше мој дом. Таму, меѓу тие проклети ѕидови, каде се расфрлавте со храна, каде се пијаневте речиси секој ден до рани изутрини, каде ниту една слава не ја минувавте без кавга и тепачка меѓу себе, вие проклето несреќни и фрустрирани татко и два сина... Каква ужасна симбиоза, колку зло, колку несреќа се собирала во вашиот ген, па ти, Ти кој требаше да бидеш „принцот на белиот коњ“, кому му ја подарив мојата младост и срце, само за две недели се претвори во монструм.

Ме болат сé уште, ме печат силно ударите на твоите гнасни раце, кои некогаш ги бакнував пред да заспијам, ми смрди устата, се гнасам од плунката секогаш кога ќе помислам дека сум те бакнала, и денес трчам во купатило да се истуширам, секогаш кога ќе помислам дека сум била телото кое ти служело за задоволување на твоите ниски страсти, кога со погрдни зборови ме принудуваше да го однесам „моето“ дете „долу да го чува мајка ти“, а јас да се подготвам за тебе...

Иако низ годините се ретчат миговите на сеќавање, кога наближува Нова Година, и повторно мракот е раскршен со светлечките лампиони на елката, се враќам во ноќите, кога речиси во делириум се враќаше дома, заспиваше пред печката, а при првото будење, кога малку ќе избледеше алкохолот во тебе, силно ме удираше по лицето и главата, наредувајќи ми да повторувам се погласно и погласно, ми се чинеше до бескрај: „Кажи дека ги сакаш мајка ми и татко ми, исто како мајка ти и татко ти...“

А, секое лето, два дена пред роденденот на ќерка ни, наместо радост и уживање, се уште го чувствувам вкусот на крвта во устата, кога мислам ми ја искрши главата од кабината на бродот, само затоа што еден млад човек во барот седна до мене...Не разменив ни збор, ни поглед, барав прилика што поскоро да заминам, со наведната глава, зашто ја знаев твојата болна љубомора и непресметливост... Знаев дека штом некој маж се појави во мое присуство, ти токму тогаш ќе покажеш дека сум „твоја жена“... И вечерта, повторно ти проработи болниот инстинкт, „чувството на грижа за мене“, па ме праша, што ќе се напијам. Со денови пред тоа, седев сама со наши пријатели во сепарето, колку да не сум во собата, додека ти крај шанкот пиеше до рани зори и им се додворуваше на девојките кои тоа лето работеа, на тој брод...

Ме остави и 10 дена без храна, во твојата куќа, во твојот замок, со кој гордо се фалеше пред светот, во тие пеколни одаи... Влегуваше дома, одненадеж, да провериш дали ќе претрча некоја другарка, да ми донесе нешто да поткаснам, колку да останам жива, а јас како и пред тоа, мирно и трпеливо, со надеж дека ќе ти мине и ова лудило, ти ги перев и пеглав 45-те кошули и ги ставав во ормарот, за да ти бидат чисти и да ја избереш таа, што ќе посакаш за следното твое излегување...

Траеше полни пет години... А, веќе три немав никаква емоција за тебе, срцето ми остана празно, не ти го поднесував ни мирисот, се плашев од звукот на чевлите, од крцкањето на вренгот кога ја отвораше вратата... Знаев дека повторно, без причина ќе се дереш и ѕвериш, за влакното што ќе го здогледаш во тоалетот или затоа што на гостите им варам кафе на скапа струја, ќе ме пцуеш без причина и навредуваш до бескрај, ако дојдат гости особено, за да покажеш дека ти си мажот, а јас жената, која мора да молчи, зашто и пред нив, ќе ти летнат рацете...

Сонував и се молев за денот кога ќе заминам од тој пекол, што за твојот болен ум, беше рајска палата...

И можеби ќе траеше уште долго, зашто немав храброст така да заминам, се срамев од својата грешна одлука, од својот грешен избор, за мене тој брак беше голем пораз, но немав сила, тоа да го признаам пред сите...Сепак, телото, умот побара спас, ми падна нагло притисокот, доктори, болница... Целото тело ми беше во грч, ми се тресеа рацете, нозете, долната вилица мислев ќе ми излезе, го слушав звукот на забите кои се удираа... Умирав од страв, дека нешто страшно ќе ми се случи во тој миг, дека не ќе можам да си го видам веќе моето дете, да го прегрнам...

Од тој ден, не се вратив, вратата која ми ја покажуваше речиси при секоја кавга, не ја отворив повеќе... Но, душата моја остана заробена во тие проклети ѕидови. Две години потоа, се борев со депресија, минуваше времето, ќерка ми растеше, не во изобилство од дарови и раскошна облека, но полиена со љубовта, која секој миг извираше од мене.. Денес е девојка, полнолетна, прекрасна, убава, паметна, одговорна... И, не и кажав ниту еден лош збор за тебе, сакав да те сака, сакав да има љубов за својот татко...

Но, ти и твојата малодушност, не можевте да се скриете! Па, таа - ќерка ти, мораше да ти го види ликот... Не ќе има втор случај, татко да бара пред суд намалување на и така симболичната алиментација, да лаже дека нема пари...

Но, веќе не е битно. Нам парите никогаш не ни биле најбитни, нашите срца се полни со љубов и разбирање, каде и да е, секое место кога сме заедно е оазата на нашиот мир.

Наскоро, ќе се вселиме и во станот, ќе украсиме елка, ќе и ставиме светлечки лампиони, домот ќе мириса на спокој и љубов, разбирањето, почитта, вербата..., ќе бидат наша храна, имаме уште од патот, но најтешкото помина. Нашето семејство има два члена, но нашите срца се лавовски. И таа е борец како мене, знам, веќе не треба да се грижам, сонот се оствари, целта ја исполнив, имам ќерка со вистински вредности, која растеше во мир и љубов... И вчера ми потври дека нејзиното, било среќно детство. Ова сознание е нејзиниот најголем подарок за мене.

Нова година се ближи, грчот во градите е тука, светлина блешти на сите страни, зашто љубов извира од моето срце. И ова не го пишувам за да ти кажам тебе, зашто ти, одамна не си Ти, за мене. Оваа исповед е всушност, мојата порака до самохраните мајки, особено оние кои имаат ќерки, зашто такво е моето искуство и тоа можам да го споделам:

„Бидете храбри и со верба во себе, и тогаш кога има денови црни, мрачни, навидум безизлез, кога помислувате дека е подобро да не сте, отколку да сте, кога фрижидерот е празен и освен сув леб и маргарин немате што да му дадете на своето дете, кога немате денар вашата принцеза да ја облечете во најубавото фустанче и чевли... Тогаш, само погледнете во тие искрени, мили, топли очи, полни љубов и несигурност и корнете, влечете со целата сила од секоја клетка во вас, истргајте ја, донесете ја љубовта, силата, енергијата, желбата за живот, во вашите мисли и раце, отворете ја широко прегратката и оставете во допирот на вашите срца, да минува мигот... А, потоа, разумот и енергијата кои се непресушен извор, мотор, кои се посилни од булдожер, ќе ви помогнат, да ги остварите сите ваши планови и желби, можеби премногу бавно, но сé што ви треба, ќе ви даде животот!

И уште нешто, драги млади девојки, не влетувајте во врски, додека добро не го запознаете партнерот, не ставајте прстен на рака, особено не - од рака на момче, кое ви ги дарува најубавите подароци, и од чии усни тече само мед...“

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.

Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.

Print Friendly, PDF & Email