ДОВИКУВАЊЕ СО ЕВРОПА

Единствената причина поради која ЕУ може да го услиши повикот на претседателот Ѓорге Иванов да дојде во Македонија за да се приближи до обединета Европа, е да се смилува кон граѓаните на Македонија згазени под чизмата на власта која, ниту може, ниту има намера да ја приближи државата кон Европа

Ристо Поповски

R. POPOVSKI

Ѓоре од планинско село, во некоја волчја забит, каде што нема ни струја ни телевизија, ниту некој чита весници, исправил пат пред опинците и тргнал да го посети роднината Трпе во Скопје. Трпе бил ербап и со партиска книшка и од субвенциите за земјоделие си купил стан во светската престолнина на споменици.

Дошол некако Ѓоре пред висококатницата во која живее роднината и пуштил глас, како што е ред во планина, да го довика Трпе. Откако едно време се довикувале, Трпе го поканил гостинот да се качи кај него во станот.

- Како да се качам? Високо си. – прашал Ѓоре.

- Стисни копче и викни го лифтот – го подучил Трпе.

Ѓоре го стиснал копчето на палтото и почнал, колку го држи глас да вика:

- Еееј лифт, дојди да ме качиш.

Ѓорге од Водно, го стегнал микрофонот, со двете раце и со сета сила и со сиот ум ја повикува Европската Унија (ЕУ) да дојде во Македонија за да биде Европа. „Дојди во Македонија за да се приближиш кон обединета Европа... Дојди во Македонија за да се самооствариш... Ние и без Унијата сме дел од Европа... Ние, пред сè, ја градиме Европа за нашите граѓани“... Не рече, ама се подразбира,  дека Македонија е повеќе Европа од самата Европа.

Ниту некој го слуша претседателот на Македонија во таа клета Европа, ниту пак го есапи. А и како би. Дома, каде што е безгласна буква никој ни го слуша, ни го есапи, а камо ли во Европа која ни бега сè подалеку и подалеку, та дури и не може да се довика. Кренала раце ЕУ од Македонија, бега од убавините што ја снашле оваа држава, колку што може подалеку.

Викањето тука не може да помогне. Европа, „стара роспија“, се прави наглува и си тера по свое, сè нешто бара, досаѓа со некои критериуми, некакви реформи, демократски принципи, слободи, правна држава... Никој нема и не сака да го чуе Ѓорге од Водно, речиси никој да му направи муабет. Не сака со него да пие кафе ни претседателот на Грција, а овој толку го моли и му пишува писма, го тегли за ракав по меѓународни собири, ама џабе. Згора, ај што не го ферма комшијата од Грција, ама кога не го есапи речиси никој, работата станува сериозна.

Кога е така, останува само да се довикува со ЕУ. А греши Европа што не сака да го чуе предлогот да дојде во Македонија. Пропушта историска можност да научи што е демократија, слобода, човекови права, слобода на медиуми, независно судство, пропушта да види дека има држава во која корупцијата е на нула. Пропушта Европа да види и научи како полиција на клоци брка од парламентот опозиција и новинари...

Грешат и ЕУ и Европа што пропуштаат вакви ексклузивни можности. Постои само една, единствената причина поради која Европа може да го услиша повикот на Ѓорге од Водно. А тоа е – да се сожали на граѓаните на Македонија, згазени под чизмата на власта која, ниту може, ниту има намера, да ја приближи државата кон Европа. За Европа тоа, можеби, и не е важно, но Македонија е  сигурно многу важно  – ако ја биде како држава, додека дојде ред да стане членка на ЕУ.

 

Print Friendly, PDF & Email