Анкета на ЦИВИЛ: 67% испитаници сметаат дека изборните резултати не се реална слика на волјата на граѓаните

Денеска, на десеттиот ден од конституирањето на Собранието, истекува рокот кога претседателот Ѓорге Иванов, треба да го додели мандатот за формирање на Влада, на партијата која ќе може да обезбеди мнозинство во Собранието.

Во исчекување на тоа кој ќе формира Влада, изминатите две недели ЦИВИЛ – Центар за слобода, спроведе онлајн анкета на тема: Кој победи на изборите?

2

Повеќе од половина од од граѓан(к)ите(58%) кои одговорија на анкетата, сметаат дека новата влада ќе ја формираат СДСМ и коалицијата заедно со ДУИ и со уште една од помалите албански партии кои освоија пратенички мандати на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември. Според 17% од анкетираните, влада ќе формира последната владина коалиција на ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ, заедно со уште една албанска партија.

На прашањата дали најголемите партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе ги прифатат условите на албанските партии за формирање на влада, 52% сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати поставените услови, наспроти 69% кои одговориле дека СДСМ ќе се согласи со барањата на албанските партии.

1

Резултатите од предвремените парламентари избори, за 67% од анкетираните не ја претставуваат реалната слика на волјата на граѓан(к)ите.

Што се однесува на одговорите на прашањето кој победи на изборите, 65% сметаат дека победник е коалицијата предводена од СДСМ, додека за 20% од анкетираните - на изборите победи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

3

Двете партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои ја формираа владината коалиција на изборите во 2014-та година, според најголем дел од анкетираните, доживеаа најголем пораз на изборите на 11-ти декември. За 45%, тоа е ВМРО-ДПМНЕ, а за 31% - резултатите од изборите беа поразителни за ДУИ.

Најголем дел од анкетираните сметаат дека овие избори нема да обезбедат стабилна влада со четиригодишен мандат, односно, дека повторно во Македонија ќе има предвремени избори. 43% од испитаниците сметаат дека тие избори ќе се одржат наскоро, а за 30% - ќе бидат заедно со локалните избори напролет.

Граѓан(к)ите се поделени по однос на прашањето: Дали промената на власта ќе значи и завршување на политичката криза и подобрување на животот? 47% анкетирани на ова прашање одговориле позитивно, а за 45% политичката криза нема да заврши со промената на власта.

63% од анкетираните од новата влада очекуваат непречена работа на СЈО и продолжување на мандатот.

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian