Денеска уверенија за новите пратеници, конститутивна седница до сабота

Државната изборна комисија согласно со Изборниот законик, денеска треба да им ги издаде уверенијата за мандатите на новоизбраните пратеници на историските, предвремени парламентарни избори, одржани на 11-ти декември. Од просториите на ДИК уверенијата ќе бидат подигнати во 14 часот, а потоа, ДИК до Собранието ќе го достави извештајот за одржаните избори.

Веќе нема дилеми дека ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движењето Беса – 5, „Алијансата за Албанците“ – 3 и ДПА – 2 пратенички мандата. Во новиот собраниски состав, од 120 пратеници, 38 се жени, 62 се нови, а 58 пратеници се од минатиот состав.

Претседателот на парламентот од претходниот состав, Трајко Велјановски, најдоцна до 31-ви декември треба да ја закаже конститутивната собраниска седница. Доколку тоа не го направи Велјановски, тогаш, според собранискиот Деловник, оваа обврска ја има највозрасниот меѓу новоизбраните пратеници, Бранко Маноиловски од ДУИ.

Според Договорот од 20 јули и Договорот од Пржино, потпишани од четирите политички партии кои беа носители на сите политичките случувања во државата, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, денеска оставки треба да си поднесат двајцата министри, именувани од опозиционата СДСМ - за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски и за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Мандатот им завршува и на дополнителните заменици-министри, во МВР - Оливер Андонов, во МТСП - Диме Спасов, во МЗШВ - Љупчо Николовски, во МИОА - Александар Кирацовски и во Министерството за финансии - Кире Наумов.

До формирањето на новата влада, министерските позиции во МТСП и МВР, ќе ги преземат актуелните заменици-министри Агим Нухиу и Ибрахим Ибрахими.

 

Print Friendly, PDF & Email