Дебата за слободно општество и социјална правда

Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ утре со почеток во 10:30 часот, во хотелот Холидеј Ин, ќе организира јавен настан „Граѓанска дебата за слободно општество и социјална правда“.

Целта на оваа граѓанска дебата е воспоставување и зајакнување на комуникацијата и размената на идеи и ставови во граѓанското општество, за да може да се испратат јасни пораки со кои ќе се побара мислење и поддршка од граѓанско општество и од политичките фактори во државата.

На дебата ќе се разговара за критериумите за слободни избори во Македонија, за јавниот интерес во медиумите, заштита на човековите права и слободи и за предусловите за граѓанско активирање. Исто така, ќе се посвети внимание на социјалната правда и на критериумите за подобар живот, трошењето на јавните пари, на созадавањето услови за нови и достоинствени работни места и за обезбедување на социјална правда за сите граѓанки и граѓани подеднакво.

Јавниот настан ќе се одвива преку два панела. На првиот панел: „Помеѓу идејата за слобода и заробената држава“, освен претставник на ЦИВИЛ – Центар за слобода, говорници ќе бидат и Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар, Суад Мисини, аналитичар и активист за човекови права, Мирјана Најчевска, универзитетски професор, Миша Поповиќ од Институтот за демократија, Социетас Цивилис и Љубиша Арсиќ, новинар.

Првиот панел ќе го модерираат Марјан Забрчанец од „Граѓани за Македонија“ и Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование.

Говорници на вториот панел „Преку социјална правда до подобра живејачка“ ќе бидат Бранимир Јовановиќ, аналитичар, Абдулменаф Беџети, универзитетски професор, Петар Гошев, поранешен гувернер, министер и пратеник, Борјан Ѓузелов од Македонскиот центар за меѓународна соработка, Дона Костуранова, од Младинскиот образовен форум, Јасминка Фришчиќ од ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените и Душко Груевски од организацијата „За нас се работи“ – Битола.

Модератори и известувачи од дебатата ќе бидат Огнен Јанески, новинар и граѓански активист, Анета Додевска, новинарка од областа на економијата и Џелал Хоџиќ, граѓански активист за социјални прашања.

 

Print Friendly, PDF & Email