Дали малото Свети Николе ќе „порасне“ во Свети Никола?

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Зоран Тасев, неодамна најави дека ќе го врати името и историјата на градот, кој повторно ќе се вика Свети Никола. Според него, жителите на градот ќе ја поддржат оваа иницијатива, a а воедно најави дека на сите собири во иднина ќе се обраќа како жител на Свети Никола, а не на Свети Николе. Тасев ова го изјави на 18 декември 2015 година во Народниот музеј на Свети Николе, за време на изложбата на фотографии „Свети Николе и Светиниколчани низ 20-тиот век“.

Зоран Тасев

Градоначалник на Свети Николе Зоран Тасев

„Прв пат оваа вечер ќе објавам нешто, па кој како сака нека ме сфати, после вечерната богослужба зборувавме за историски неправди и зборувавме дека некои работи треба да ги вратиме на местото како што биле. Ова е историско место, ова е Народниот музеј и ние сме биле и треба да останеме Свети Никола, како што не паметат во вековите. Нашиот владика (Иларион н.з) вечерва кажал една голема вистина, а верувам дека светиниколчани низ иницијатива ќе ја поддржат и ќе го вратат она што историски им припаѓа, а тоа е светото име на градот - Свети Никола. Од вечерва, јас кажувам дека ќе се обраќам на сите собири, единствено дека сум жител на Свети Никола“, истакна Тасев.

Деновиве, редакцијата на ЦИВИЛ се обиде да контактира со градоначалникот, за да се информираме поподробно за иницијативата, причнините за неа и нејзиното спроведување. Даниела Танева, шеф на кабинетот на градоначалникот со која разговаравме по телефон, не ни објасни што точно сакал да каже градоначалникот и за каква иницијатива се работи, бидејќи не можела да збори во негово име. Таа ни кажа дека деновиве градоначалникот е премногу зафатен и дека изјава за ова прашање ќе ни даде евентуално идната работна недела.

Целиот настан од 18.12.2015 година, може да го видите на Youtube каналот на Народен Музеј на Свети Николе.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email