Цивил со осуда на полициската бруталност и притисокот врз новинарите

Цивил - Центар за слобода го осудува чинот на прекумерна употреба на сила врз демонстрантите од страна на полициските службеници при нивното приведување за време на вчерашните немири во населбата Ѓорче Петров. Вината за ескалацијата на настаните ја лоцираме во недостигот од соодветни мерки од МВР за спречување на насилството и вандализмот и покрај најавите за собири на социјалните мрежи.

Според член 14-а од Законот за полиција (ЗП), „заради превентивно дејствување и спречување на казниви дела, Полицијата може да воспостави зајакната оперативна контрола на лица и објекти“. Напротив, вчера бевме сведоци дека Полицијата остави ситуацијата да излезе надвор од контрола, а дури по причинетите штети пристапи кон „пресметка“ со оние кои протестираа и демолираа објекти во револт од убиството на 18-годишниот А.П.. Употребата на сразмерна физичка сила треба да се користи само во случаи пропишани со закон и кога тоа е навистина неопходно, при исполнување на условите дефинирани во членот 91 од Законот за полиција каде се предвидува употреба на средства за присилба спрема група.

Немири во Ѓорче Петров | Фотографија: Томислав ГеоргиевУште еднаш апелираме до граѓан(к)ите да се воздржат од секакви меѓуетнички тензии и да остават институциите на системот да ја завршат својата работа согласно Кривичниот законик (КЗ) во спроведувањето истражни дејствија и судско гонење на сторителот на кривичното дело. Користењето на етничката припадност на осомничениот за убиството во ширењето говор на омраза и повиците на насилство, единствено може да генерира нови кривични дела и дополнително да ја влоши стабилноста и безбедноста и да доведе до нови жртви.

Воедно, Цивил најостро го осудува недоличното и брутално однесување на полициските службеници и одземањето видео и фото материјали од новинарките на Нова ТВ, Фокус и Радио Слободна Европа што претставува спречување во вршењето на нивните работни обврски и задачи во информирањето на јавноста и атак врз слободата на изразување и слободата на медиумите. Привременото одземање на предмети е регулирано во член 57 од ЗП. Имено, полицискиот службеник може привремено да одземе предмети со наредба на суд, во случаите утврдени со Законот за кривичната постапка (ЗКП), а за одземените предмети мора да издаде соодветна потврда. „Записи за факти кои ги направиле новинари и нивни уредници во средствата за јавно информирање од изворот за известување и податоците за кои дознале во вршењето на своето занимање и кои се употребени во текот на уредувањето на средствата за јавно информирање, кои се наоѓаат во нивно владение или во редакцијата во која се вработени“, според член 206 став 1 од ЗКП спаѓаат во предмети кои не може да се одземат.

Го повикуваме Министерството за внатрешни работи на Република Македонија да спроведе итна истрага и да преземе соодветни мерки против своите службеници кои постапиле спротивно на законските прописи, а медиумите и медиумските работници да ги остави непречено да ги извршуваат своите должности и да не се мешаат во нивното работење.

Ги повикуваме новинар(к)ите за настаните да известуваат одговорно и професионално водејќи се според новинарскиот кодекс и позитивните законски прописи на Република Македонија.

Фотографии: Томислав Георгиев

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English