Честит 8 Март: Понижувањето и малтретирањето на жените мора веднаш да престане

Денот на жената, 8 март, ја означува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Првиот ден на жената е обележан на 28 февруари 1910 година во САД, на иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. На 19 март 1911 година овој ден го прославуваат над еден милион луѓе во неколку европски земји. На 8 март 1913 година, жените излегуваат на улиците во знак на протест против војната. Оттогаш, ова е ден кога целото човештво се сеќава на мировните стремежи и борбата за човекови права на жената која сé уште трае.

8 martЦивил, во својот Извештај за состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија (7 март 2014 година) констатира лоша состојба на човековите права, вклучувајќи ја и позицијата на жената во Македонија. Таа е дискриминирана по низа основи, а тоа е засилено со третманот на жената во политиките и практиките на владата. Преку своите кампањи, како и практиките во секојдневието на македонските граѓан(к)и, улогата и местото на жената се понижувачки. Жената е прогласена и третирана како апарат за репродукција и објект на субординација и декор, а притоа, низа други права и слободи ѝ се ограничени.

Самиот факт дека жената е предмет на стереотипи и предрасуди е повеќе од доволен да се алармираат јавноста и институциите. Но, тоа ни оддалеку не е крај на неволјите на жената во Македонија. Според извештаите на релевантни организации жената е честа жртва на семејното насилство и е дел од мрачниот подземен бизнис наречен трговија со луѓе.

Во услови на вонуставна узурпација на јавниот и политичкиот живот од страна на верските заедници на православието и исламот, со амин на највисоките инстанци на државата, жената е дополнително третирана како заробеник на религиозните догми. Наспроти основното човеково право на државјанство, вознемирувачки е фактот што голем број жени во Република Македонија немаат државјанство иако ги исполнуваат сите услови за тоа.

Во Извештајот на Цивил стои дека жените се дискриминирани и малтретирани на работното место. Понатаму, во поглавјето за дискриминација и кршење на човековите права во доменот на економските и социјалните права, Цивил бележи потресни податоци за жената работничка во текстилните фабрики низ Македонија. Во извештајот стои:

„Работничките во текстилните фабрики работат во тешки услови за работа. Според сведочењата, тие немаат никакво греење во зимските месеци, провев има од сите страни, така што принудени се да ги покриваат отворите во ѕидовите со најлони. Работат со капи, зимски јакни и шалови, а седат на искривени и искршени столчиња. „Како под отворено небо да работиме“ – се вели во една изјава. Контролорите во погоните постојано им викаат да работат повеќе и побрзо, така што мораат да остануваат прекувремено за да ги исполнат високите норми за производство. Работничките во текстилните фабрики се жалат на влошена здравствена состојба.

Покрај крајно лошите услови за работа, текстилните работнички неретко се вербално, па дури и физички малтретирани. Во 2 извештаи се сведочи и за случаи на сексуално малтретирање и навреди врз родова основа.

Забележливо е дека на најголем дел од работните позиции во текстилните фабрики се жени, додека ретко или никогаш не може да се сретнат во раководните структури (шефови, сменоводители и сл.).

Кршење на работничките права во поголеми фирми и претпријатија се бележат и во 24 изјави на РГЧП кои доаѓаат од Скопје, Охрид, Битола, Охрид, Велес и Куманово. Ниски плати, неплаќање на здравственото осигурување, лоши услови за работа и мобинг се најчестите облици за кои информираат граѓан(к)ите во нивните изјави.“

Цивил им го честита 8 Март, Меѓународниот ден на жената на сите граѓанки на Република Македонија и светот. Воедно, ја алармираме јавноста дека е крајно време да се врати достоинството на жената и сите, солидарно, да се заложиме за максимално почитување на правата на жената во Македонија. Жената е прикажана во понижувачко светло дури и во учебниците од кои учат децата.

Повиците за учество и застапеност на жената во политиката, односно институциите на власт со 30 проценти, Цивил ги смета за дефетистички и потценувачки. Бараме најмалку 50 проценти застапеност на жената во политиката и државните институции, соодветно на нивната застапеност во општата популација. Тоа би бил само прв чекор – улогата и застапеноста на жената не смее да биде декларативна, односно декоративна, туку суштинска.

Затоа, понижувањето и малтретирањето на жените во институциите, работното место, семејството, мора веднаш да престане.

 

Print Friendly, PDF & Email