Битола: Демонстрантите најавуваат и граѓанско апсење на „лицето В. Талески“!

И денес, битолчани излегоа на протест. На исто место, со иста цел и со истите барања: оставки на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов и на градоначалникот Владимир Талески и непречена работа на Специјалното јавно обвинителство.

Вечерашниот протест се разликуваше од вчерашниот, по тоа што имаше далеку повеќе полициско обезбедување и посилен притисок кон полицајците од демонстрантите.

Протестот во Битола е изблик на гневот и незадоволството на битолчани од состојбата во која актуелниот градоначалник го турна „градот на конзулите“, по пријавата на СЈО за наводен криминал од стотици илјади евра.

На крајот од вечерашниов протест, граѓан(к)ите повикаа на продолжување на протестите и во текот на утрешниот ден под слоганот „Нема правда, нема мир!“. Според  мобилниот тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода, дел од присутните граѓани вечерва најавувале дека на утрешните протести е можно и „граѓанско апсење на лицето В. Талески“!

Print Friendly, PDF & Email