АБОРТИРАН САМИТ

Откажувањето на Самитот на шефови на држави и влади на ЈИЕ, што викендов требаше да се одржи во Охрид, според некаква внатрешна логика се совпадна со контрaверзниот Законoт за абортусот. Шефот на државата беше побрз и самитот  беше абортиран пред Собранието да го усвои тој закон.

Ристо Поповски

Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, сериозно како што доликува на функцијата, но и со видлива доза на незадоволство, па и лутина, во средата  официјално ја соопшти одлуката дека го откажува Самитот на шефови на држави и влади на ЈИЕ, што заедно со собирот „Дијалог на цивилизациите“, викендов требаше да се одржи во Охрид.

ivanovШефот на македонската држава, кој е организатор и домаќин на Самитот, со право беше и незодовелн и лут. Ем му пропадна викендот во Охрид, планиран кој знае од кога, ем мораше јавно да откажува средба на највисоки државници од регионот, иако таа веќе беше пропадната поради бранот откажувања од страна на лидерите од регионот. Собирот е откажан во последен миг. Немаше веќе каде: ако претседателот Иванов не ја откажеше средбата, ќе беше и домаќин и единствениот учесник на Самитот.

Виновници за фијаското на Самитот се сите други и сè друго – освен  Македонија и нејзиниот претседател, како организатор и домаќин. Како што е вообичено во државава, раководството никогаш не е и ниту може да биде виновно за ништо. Едно е сигурно: Македонија има најбезгрешно раководство во регионот, ако не во целиот свет.

Шефот на државата како главен виновник за пропаста на Самитот го посочи повампирувањето на старите балкански предрасуди, комплекси, бојкоти и вета.  Како Македонија да не е на Балканот и како да има најдобри односи со сите држави во регионот. Според Иванов серијата откажувања за учество на Охридскиот самит покажува дека регионалната соработка е исправена пред сериозен, крупен предизвик.

Со оваа оценка на претседателот Иванов сосема сигурно нема да се согласи ниту еден од лидерите на државите во регионот. Но, дури и да е точна оценката, токму ваквите состојби во регионот требаше да бидат дополнителен мотив Македонија да изнајде начин Самитот во Охрид да се одржи. Да биде иницијатор на средба на која ќе се направи обид преизвиците во регионалната соработка да се надминуваат.

Поинаку речено, Македонија пропушти голема можност да се афирмира како иницијатор за подобрување и јакнење на односите меѓу државите, да ја преземе лидерската улога на двигател на добрососедство во регионот. Пропуштена е можност пред регионот, ЕУ и пред светот, да се види дека Македонија е определена за соработка и развој на добрососедските односи во регионот.

Очигледно, ваквите задачи далеку ги надминуваат капацитетите на актуелните раководители на Македонија. Со откажувањето на Самиот тие само потврдија дека не се дораснати на предизвиците и дека немаат визии за добрососедство и соработка. Откажувањето покажа и дека раководителите на Македонија, немаат ниту углед ниту влијание меѓу државите во регионот и дека дипломатијата, која требаше да го носи главниот товар во организација на Самиот, е неспособна и недорасната на вакви задачи.

Состојбите во регионот значително се изменети од почетокот на Процесот на соработка во ЈИЕ во 1996 година. Изминатите години ниту една средба не била откажана. Односите во регионот се менуваат, државите сè повеќе соработуваат меѓу себе и се определуваат за членство и соработка со ЕУ.

Откажувањето на Охридскиот самит, без оглед на објаснувањата за состојбите и предизвиците во регионот, е сериозен пораз на Македонија и на нејзиното раководство. Углед во регионот е намален за уште едно скалило, што за домашната јавност и не е некоја новина. Проблем е што откажувањето на Самитот ќе остане забележн како уште еден меѓународен неуспех на Македонија.

Print Friendly, PDF & Email