Царовска: Неопходни се силни синдикати и обединети здруженија на граѓани

„Поединец зема социјална помош од 2.500 денари. Ако е казнет затоа што веќе земал три години, добива 1.250 денари. И сега, за 1.250 денари месечно, вие го манипулирате, го тортурирате и го терате да гласа! И тој се чувствува не само недостоинствено и невредно, туку се чувствува дека неговиот глас не вреди ништо во масата, во купот. Дека тој не одлучува за својот живот!“, изјави Мила Царовска, експертка за социјални политики, во интервју за ЦИВИЛ Медиа

 

ЦИВИЛ Медиа:  Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички односно изборен контекст? Кои се вашите сознанија и анализи?

ЦАРОВСКА: Сведоци сме во последниве десет години, а специфично во последните седум, дека има огромни злоупотреби во изборниот процес на оние најризични или најранливи категории во Македонија. Зошто го велам тоа, врз основа на што го базирам? Заради тоа што системот на социјална заштита во Македонија не е соодветен. Да кажеме и дека немаме систем којшто одговара на потребите на граѓаните. Тој систем толку е нетранспарентен и нејасен, што граѓаните многу лесно пред избори се изманипулирани и заведени. Како? Со тоа што вие поднесувате барање и на тоа барање може во одреден законски рок да биде одговорено, но може и да не биде. Е сега, ако го поднесете денес, а за два месеца треба да има избори, оној којшто ја има моќта, којшто е одговорен на комисијата, ако е партиски човек, тогаш тој може да го задржи вашето барање, до моментот пред избори. Одредена партиска структура на терен, исто така, може да има сознание од истиот тој човек во институцијата, дека вие имате поднесено барање за одредено социјално право. Со тоа, ви прави притисок да гласате за таа политичка опција, а ако не гласате, ќе имате одбиено барање. Ако гласате и докажете дека сте гласале, тогаш вие ќе го добиете правото коешто ви следува по закон.

Таа манипулација и злоупотреба на оваа категорија на граѓани се случува со години. Сега веќе, луѓето дури се навикнати на оваа состојба. Тоа се корисници на социјални права од законот за социјална заштита. Ако зборуваме за работници, истото се случува. Оние најранливите, кои се под минимална плата: во текстилната, кожарската индустрија, исто така, имаат водачи на смена коишто се поставени и се блиски до владејачката структура. И со тоа, шират информации дека Владата, или оние за кои треба да гласаат сите работници, се грижат за работниците, и дека ако не гласаат, може да бидат отпуштени од работа, да ја немаат ниту минималната плата која што ја заработуваат. Така што, апсолутно, постои злоупотреба на системот и сведоци сме за неа. И тоа не е мала категорија на граѓани која се злоупотребува. Во текстилната индустрија се 50.000 вработени. Во системот на социјална заштита, ако ги земете сите права: социјална, постојана, туѓа нега..., имаме околу 100.000 корисници. Тоа е апсолутно голема бројка на луѓе!

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

ЦАРОВСКА: Реално е дека социјалните трансфери коишто државата ги префрла кон корисниците, мора да бидат на ниво на линијата на сиромаштија во државата. Се друго, што сега ни се случува во моментов, да речеме четиричлено семејство добива 4.700 денари социјална парична помош, тоа е под линијата на сиромаштија и државата произведува секој месец сиромашни граѓани. Не ги извлекува од сиромаштијата! Ветувањето дека тоа семејство треба да има 12.000 денари е апсолутно реално, затоа што тоа мора да биде така. Дополнително, ако ветуваме, морам да ги спомнам и работниците, ако минималната плата за едни работници е 10.000 денари, а за други е 9.000, тоа е дискриминација. Тоа мора да се порамни. Зошто? Дали оние кои работат во текстилна индустрија плаќаат поевтина струја? Лебот за нив е поефтин? Врз основа на што некој вели дека тие ќе имаат пониска минимална плата од другите работници? Така што, и ветувањето дека ќе се изедначи минималната плата во сите гранки е основано и реално, како и ветувањата дека ќе се покачи минималната плата и ќе ги цениме работниците, ќе им го вратиме достоинството -  се реални. Но, треба да внимаваме. Кога се обврзуваат политичките партии на одредени програми, дека ќе ги спроведат откако ќе дојдат на власт, истите тие коишто го поднеле барањето до политичките партии, потоа треба да ги држат блиску до вратот и да ги потсетуваат на нивните ветувања. Затоа што, инаку, станува збор за манипулација.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политички последици од злоупотребата на прашањата за социјална правда?

ЦАРОВСКА: Сиромаштија! Генерирање на сиромаштија, несигурност, правна несигурност кај најранливата категорија. Затоа што не може да живееме добро во едно општество каде што имаме огромен број на сиромашни. Каде што имаме 500.000 граѓани, или една четвртина од населението, кое живее во сиромаштија или живее со 40 денари дневно. И помалку од тоа, со 20 денари дневно живеат... Во тоа општество нема развој. Значи, последицата е најпрво сиромаштија, а втората последица е дека граѓаните не веруваат дека нивниот глас вреди. Поединецот се чувствува изманипулиран. Сметајте дека тој поединец зема социјална помош од 2.500 денари. Ако е казнет затоа што веќе земал три години, добива 1.250 денари. И сега, за 1.250 денари месечно, вие го манипулирате, го тортурирате и го терате да гласа! И тој се чувствува не само недостоинствено и невредно, туку се чувствува дека неговиот глас не вреди ништо во масата, во купот. Дека тој не одлучува за својот живот. А во демократијата основно е тоа, дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде на власт и кој е оној што ќе им ја подобрува ситуацијата. Но, во моментов тоа го немаме. Тоа е главниот проблем.

ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто темите од социјалната правда во изборни и политички цели?

ЦАРОВСКА: Мислам дека треба една организација на граѓаните коишто се ранливи. Во моментов, не постои силна организација на работниците. Синдикатите, за мене, постојат како форма, како правен субјект постојат, но тие се борат за сé, освен за правата на работниците. Значи, немате форма на организирани работници, немате форма на организирани ранливи категории на граѓани. Тие се во различни здруженија на граѓани кои афилираат околу нив. Но, немате организирана форма преку која одеднаш 300.000 работници ќе излезат и ќе кажат - стоп на ваквата неправда. Немате 100.000 корисници на социјална помош, да речат, луѓе, не се живее со 1.250 денари месечно. Ве молам, вие политичарите, обидете се да живеете еден ден со 1.250 денари, па да видиме како тоа ќе изгледа. Ако имаме организирани форми, и ако, здруженијата на граѓани и синдикатите се трудат да ги организираат граѓаните и работниците во нивен личен интерес, не во интерес на здружението, туку во интерес на граѓанинот, во интерес на човекот, тогаш политичарите ќе се плашат од оваа организирана форма. Така што, мислам дека тоа треба да биде фокусот. Политичарите да се држат до своите ветувања, да ги остваруваат нивните ветувања. Но, и здруженијата на граѓаните и синдикатите да ја вршат својата работа во организирање на оние кои што се ранливи и кои што се немоќни. Затоа што тие се тие коишто треба да го дадат гласот на безгласните. Затоа постои граѓанскиот сектор, затоа постојат синдикатите... Обединети силни синдикати и обединети здруженија на граѓани ќе дадат и силни граѓани.


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната правда во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English