Фетаи (СЈО): Патот до правдата е еден!

Специјалното Јавно oбвинителство ќе ги поднесе првите два обвинителни предлога до Кривичниот суд денеска, кога ќе го поднесе и вториот шестмесечен извештај за својата работа

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на почетокот на денешната прес-конференција, упати апел до Собранието за измени во Законот за заштита на сведоци, за да може СЈО детално да го разгледува случајот за смртта на Мартин Нешковски, како и случаите „Монструм“ и „Сопот“.

Обвинителката Фатиме Фетаи ја информираше јавноста дека првиот обвинителен предлог се однесува на уништување на документација поврзана со системите за прислушување, дело за кое СЈО товари седум лица. Уништувањето во целост е направено спротивно на сите службени акти, зашто, по наредба на првообвинетиот, останатите обвинети лица „без никаква процедура за ништење ги запалиле материјалите“.

DSC_0056

Фатиме Фетаи, СЈО

И додека првиот случај се однесува на уништување на материјалите од неовластеното прислушување, вториот случај произлегува од содржина од прислушуваните разговори. Првообвинетиот во овој случај, како што посочи Фетаи, е дел од извршната власт. Случајот се однесува на насилното прекинување на седницата на Советот на Општина Центар. Станува збор за кривично дело против јавниот ред и мир, со лукративен мотив, за заштита на бизнис интересите на партискиот врв и на блиските бизнис соработници. За овој случај, СЈО товари 14 лица, од кои 5 лица се обвинети како поттикнувачи, а 9 лица како директни извршители на насилството.

Одговарајќи на новинарско прашање, обвинитњелката Ленче Ристоска, истакна  дека нема потреба за одредување мерка притвор или некоја друга мерка за обезбедување на обвинетите. Двата предмета се нови, работени по скратена постапка, бидејќи Обвинителството има доволно докази за да изготви обвинителни предлози и да ги достави до Кривичниот суд. Затворската казна за овие дела е до пет години. Поради почитување на пресумпцијата на невиност, СЈО не ги спомнува имињата кои се опфатени со овие две обвиненија.

Обвинителката Фатиме Фетаи уште еднаш потенцираше дека правдата не препознава други поделби, освен лица за кои постојат и лица за кои не постојат докази за сторени кривични дела.

„Патот до правдата е еден! Тој не трпи компромиси во корист на едни, а на штета на други. Нема да има ниту привилегирани, ниту неправедно обвинети. Во ова Јавно обвинителство, секој кој се огрешил кон Кривичниот законик во Република Македонија, ќе одговара“ рече Фетаи.

DSC_0052

Катица Јанева изјави дека ќе присуствува на разгледувањето на вториот извештај на СЈО, кога Советот на јавни обвинители и Собранието, ќе ги закажат седниците. Извештајот ќе биде објавен и на веб страната на СЈО.

ЦИВИЛ - Центар за слобода од првиот ден на воспоставувањето на оваа институција, ја искажува својата целосна и безрезервна поддршка на СЈО и своето категорично барање до сите релевантни институции и Собранието, како и до Уставниот суд, да обезбедат максимални услови за непречена работа на СЈО.

„Граѓанките и граѓаните на Република Македонија бараат правда и бараат институции, а не партиски штабови. Симбол на промената која ја бараме е токму Специјалното Јавно обвинителство“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

Марија Теговска

Камера: Дехран Муратов

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian