Репортажа: Кратово – „бела чума“ и црна перспектива!

Кратово денес: економски колапс, иселување, страв... Под политичките притисоци на власта полека изумира животот во најстарото македонско гратче, скриено во грлото на изгаснат вулкан во североисточна Македонија. Кратовци, особено младите, масовно се иселуваат, мигрираат во Скопје или заминуваат во странство, во потрага по подобар живот. Оние најжилавите кои остануваат во градот и ја водат битката со безработицата и економската ерозија, со тага на лицето, но и со страв, зборуваат скришум за политичките притисоци, за безизлезот којшто велат, е продукт на децениското владеење на актуелната власт

Единствено партиските кадри од владејачките партии може да дојдат до работно место во Кратово. А, другите, членовите на опозицијата и политички неопределените граѓан(к)и, не се ни надеваат дека ќе најдат работа.

kratovo 5

 

„Овде се знае: кој владее -тој е закон! Место за прогресивни млади луѓе, кои не и припаѓаат на владејачката коалиција, ниту имало некогаш, ниту ќе има во иднина. Вработуваат само во државната администрација, зашто други капацитети нема! Кратово некогаш беше убаво место за живеење, сите луѓе беа вработени, имаа просечен живот, беа среќни, а денес се исплашени граѓан(к)и. Нема некој кој ќе критикува, кој ќе зборува против власта, а да биде толку храбар да си го каже името. Сите трпат притисоци на разни начини, ако кажат и еден неубав збор за власта“, вели еден кратовчанец, земјоделец кој едвај опстанува откако ја затворил својата фирма.

Друг граѓанин не повика во својот дуќан, решен да подели со нас дел од своите маки.

„Како да зборуваат луѓето јавно, кога веднаш им одат инспекции по дуќаните и им изрекуваат високи казни, а потоа, како ќе ги платат?! Ние не сме голем град, во оваа мала чаршија на прсти се бројат тие што имаат дуќани и што работат. Има по некое кафуле, ресторани во кои одат помладите, или од време - навреме ќе дојдат и туристи, поединци или во организирани групи, кои сé уште имаат желба да уживаат во убавините на нашето гратче, ама и тие се сé поретки. И ако сега некој се пожали, доволно е гласот да дојде до ‘ушите на власта’, а потоа, казната не ти бега - и до затворање на фирмата лесно ќе дојде. Оти, овде живеат претежно сиромашни луѓе. Богатите, ех, тие се бројат на прсти, по име и презиме, и се знаат многу добро кои се, ги знаат сите, цела држава знае...Ние работиме за нив. Ни вршат страшни притисоци секогаш, ама за избори најмногу, бараат списоци... Овде во близина им се партиските штабови, се собираат постојано и активни се. Еве, уште сега работат, иако не се почнати изборите“, ни рече разочараниот кратовец.

kratovo 3

Друга кратовка којашто зачекорила во седмата деценија се пожали на сиромаштијата, невработеноста...Тие се причините, вели, што нејзините деца неколку години живеат во странство, а таа осамена го чека само нивниот телефонски повик.

„Ах, како ќе е добар животот. Еве сум, овде на оваа тераса, низ оваа ограда, секој ден гледам како минуваат деновите. На што да се надевам, подобро нема да дочекам. Едвај остварив право на минимална пензија, децата немаа шанса да најдат овде работа, си заминаа, а јас останав сама... Каде ќе одам, не можам да им пречам по патиштата, знам дека нема да се вратат и не треба. Овој е ‘мртов’ град. Овде вработуваат само ако си член на партија, за другите работа - нема“, ни рече оваа жена.

Дуќанџиите при секој обид за разговор пак, веднат глава. Велат дека политика не ги интересира, зашто политиката им ја одзеде слободата.

„Еве, јас ќе ви кажам, ама името да не ми го споменувате. Десет години откако се овие партии на власт, не уништија, слободата ни ја одзедоа! Ние сме рамни на робови, не сме луѓе, кога секаде сме обесправени, во сите институции... Такси за телевизија, казни ако не платиме, а медиумите само лаги шират... Ќе те тужат и кој е виновен, нема да докажеш, со извршно решение ќе ти ги земат парите, без леб ќе останеш... Кај има правда? Многу поарно било кога сме биле окупирана земја! Разликата денес е што, окупаторот е твој. Откако опозицијата ги откри ‘бомбите’, имаме некоја надеж, ама како ќе биде на избори, кој знае“, вели овој кратовец.

kratovo 4

 

Го напуштаме Кратово, со поглед кон чаршијата со сочувана староградска, автентична, македонска архитектура. Канделабрите кои ѕиркаат од аглите на малите улички, завиени во цврста пајакова мрежа, валканите и скршени стакла на излозите, „закрпени“ со страници од некогашна „Нова Македонија“ и замандалените дуќани во кои се заклучени спомените, се потсетник дека во ова гратче распослано на двете падини на Кратовска река, не така одамна, имало среќни и весели лица и дека „белата чума“ како последица на економската ерозија, денес сурово ја наплаќа сметката во Кратово.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email