Слободни избори се услов за кој не смее да се преговара!

ЦИВИЛ – Центар за слобода го поздрави политичкиот договор кој што беше постигнат вчера меѓу четирите партии, потписнички на Договорот од Пржино. Сепак, ние сме претпазливи оптимисти, имајќи го предвид досегашното искуство со преговорите и политичките договори кои што произлегоа од нив.

Ова е уште еден договор кој само отвора шанси за уште еден договор, но конкретен и конечен, заснован на барањата на демократската јавност која своите барања јасно и недвосмислено ги изнесе на бројните протести во текот на изминатите неколку години.

Едно мора да биде јасно: слободни избори се услов за кој не смее да се преговара!

Досегашниот процес на имплементација на Договорот за надминување на политичката криза нѐ предупредува дека не се почитува и не се имплементира договореното во целост. Понатаму, сериозен предизвик се и недоволно прецизно дефинираните чекори и во овој, најнов политички договор.

Свесни сме дека сите можни рокови се пробиени и дека состојбата во земјата е заострена до таа мерка што, од една страна, потребни се брзи и решителни мерки за надминување на кризата, а од друга, евидентно е отсуството на политичка волја и институционален капацитет да се обезбедат услови за одржување слободни избори.

За поздравување е напредокот во поглед на решенијата предвидени за ревизија на Избирачкиот список. Иако се работи за процес во којшто довербата е драматично нарушена, ќе се согласиме дека, ова е подобро, отколку ништо да не се преземе. Јавноста помни дека во првите неколку дена од почетокот на ревизијата на Избирачкиот список се говореше за неспоредливо поголем број гласачи, кои треба да се проверат, а сега тој број е драстично намален.

Потребно е уште еднаш да се нагласи дека целиот процес за надминување на политичката криза беше поставен на погрешни и дискриминаторски основи уште на самиот почеток. Процесот беше затворен и далеку од транспарентен, а за судбината на целата земја и сега решаваат само четири политички партии.

Ни по цела година неуспешни или недоволно успешни преговори, започнати и недовршени процеси, не се пронајде модел според кој во преговорите ќе бидат вклучени другите политички партии, пошироката јавност, експертите, и граѓанското општество. Убедени сме дека, доколку процесот беше инклузивен, тој ќе добиеше на легитимитет, довербата кај граѓанките и граѓаните ќе беше поголема и ќе се понудеа повеќе и подобри решенија за враќање на демократијата во Република Македонија.

На крајот, граѓанките и граѓаните се принудуваат да прифатат половични решенија во последен миг, соочувајќи се со неизвесност дека и тие ќе бидат спроведени. Тоа мора да се промени веднаш, за да не биде доведен во прашање опстанокот на целата држава.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian