Прилеп: Граѓанскиот активист Жаре Стеваноски повикан повторно на информативен разговор!

Еден од најистакнатите борци на Шарената револуција во Прилеп, адвокатот Жаре Стеваноски денеска беше повторно повикан на информативен разговор во прилепската полициска станица. Иако тој уредно се јавил во полициската станица, добил известување дека, сепак, информативниот разговор му го презакажуваат за утре претпладне.

жаре

„Повикан сум да дадам известување во врска со прекршок од чл. 191 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Впрочем, ова е само продолжување на приказната од пред две недели. По ист член од истиот закон, се обидуваат да ми припишат прекршок којшто не сум го сторил, како учесник во Шарената револуција и за начинот на којшто го демонстрирам моето демократско право на протест од политиките на власта. Тоа им го предочив и тогаш“, вели граѓанскиот активист Стеваноски.

Тој најави дека утре по информативниот разговор во полиција, ќе поднесе поплаки против вработени во полициската станица во Прилеп.

„Само се потврдува злоупотребата на правата што ги има МВР, согласно со Правилникот за начинот на вршење на полициските работи. Јас ги почитувам правните норми, според кои, МВР има слобода да преземе одредени дејства коишто ги презема. Но, строго ќе се спротивставам на злоупотребата на тие правни норми. Веднаш по распитот во полициската станица во Прилеп, каде што сум повикан во 11,00 часот, до МВР ќе поднесам поплака за начинот на постапување на овластените службени лица. Тие вршат злоупотреба на правата во постапката за прибирање известувања од граѓани, ова дотолку повеќе што во прекршокот што ми се става на товар, не се отсликува ниту едно мое дејствие што го имам преземено за време на протестите“, вели Стеваноски.

Граѓански активисти на Шарената револуција, денеска го придружуваа Стеваноски до полициската станица. За утре е најавен мирен протест пред станицата, во истиот термин кога Стеваноски е повикан на информативен разговор.

На 25-ти мај, овој граѓански активист првпат беше повикан на информативен разговор. Како што изјави тогаш му биле издадени 3 платни налози, со кои му е изречена парична казна, глоба во износ од по 300 евра, денарска противвредност. Оваа сума од 900 евра тој треба да ја плати во рок од 8 дена од денот на приемот на платните налози.

Синоќа по завршување на протестите на Шарената револуција во Прилеп, еден од демонстрантите, Владимир Мантароски, на својот Фејсбук профил, објави пост во којшто посочува на експлицитни закани и изговорени вулгарности од полицаец, вработен во прилепската полициска станица.

факсимил прилеп

Ова не е првпат, учесници во Шарената револуција да реагираат поради неадекватно поведение на полицајци, кои се задолжени за одржување на јавниот ред и мир за време на мирните, ненасилни протести во Прилеп.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email