„Информативни“ разговори со две лидерки на организации за човекови права

Извршната директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Уранија Пировска и проф. Мирјана Најчевска, раководителка на Центар за човекови права и разрешување конфликти се повикани на информативен разговор во полициска станица 1 (Беко) на 25 мај, во 8.45 часот. 

Претходно, Гордан Калајџиев, претседател на Хелсиншки комитет за човекови права беше казнет со парична казна поради фрлање боја на објект од озлогласениот проект Скопје 2014 година.

Шарената револуција на својата Фејсбук страница ги повика граѓанките и граѓаните да дојдат пред полициската станица во закажаниот термин за „информативен разговор“ со Пировска и Најчевска.

„Соборци и соборки, продолжува хајката и репресијата на режимот против борците за човекови права, против нашето право на протест, против секој/a од нас. Нашите соборки Уранија Пировска и Мирјана Најчевска, едни од најактивните заштитнички на човековите права во Македонија, се повикани на информативен разговор во полиција заради нивните протестни дејствија против автократскиот и корумпиран режим.“ – се вели во повикот на Шарената револуција.

Понатаму, авторите на повикот констатираат дека „продолжуваат мерките на заплашување врз слободната мисла, но тоа нас не јакне. Колку повеќе се обидуваат да не замолчат, толку повеќе не здружуваат и зајакнуваат. Нема да им помине, нашата порака е СТАВ НАМЕСТО СТРАВ – ЛИЦА НАМЕСТО МАСКИ!“

„Затоа, за да им покажеме дека нема да не запрат, ве повикуваме утре (среда) во 08:45 часот наутро пред полициската станица Беко во Скопје, да ги придружиме и поддржиме Уранија и Најче кои се повикани на "информативен" разговор и да упатиме уште една јасна анти-режимска порака.“

ЦИВИЛ - Центар за слобода го осудува политичкиот прогон кој го спроведува власта против активистите за човекови права и повикува на солидарност.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian