Македонија – земја на чудата: Избирачки список за „Гинис“

Како што наближува договорениот втор термин за вонредни избори на 5 јуни, кои би биле излез од политичката криза со невидени размери во кои се наоѓа Македонија, во Прилеп расте недовербата кон изборниот процес. Граѓаните не ги кријат сомнежите за реализација на демократски, фер и регуларни избори. Секоја новооткриена аномалија во единствениот Избирачки список им предизвикува згрозеност, зашто, како што велат дел од нашите соговорници, досега тие не биле ни свесни дека во својот дом имаат фантомски состанари.

Ѕвезда Огненоска која со години живее сама на улицата „Кузман Јосифоски-Питу“, број 250 во Прилеп, е една од нив. Во единствениот Избирачки список на нејзината адреса е запишан уште еден граѓанин, С. К. За неа е несфатливо како може да биде запишан друг гласач на истата адреса.  И таа, и нејзините блиски роднини реагираат и бараат да се изврши итна корекција во Избирачкиот список. И во куќата до нејзината, со број 248, тврдат дека соседите се одамна иселени во Скопје. Но, според Избирачкиот список овде се евидентирани двајца жители за кои никогаш не чуле: В. К. и Д. К.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=Ouwy1Nm99c8[/youtube]

Интересен е и случајот во зградата на „Кеј 4-ти Јули“ или по ново – „Наум Наумоски–Борче“ во Прилеп, каде има 30 станови, просечно со по 4 станари. Во единствениот Избирачки список станарите се запишани на бројни адреси во долгиот список на двете улици, со низа непостоечки нумерации, па тешко е да се пронајдат во списокот.

Методија и Ристана Талески, на пример, реагираат, затоа што за нив е несфатливо како може, петте членови да бидат евидентирани на различни адреси, а двајца други сосем непознати, извесни Љ.К. и В. К, да имаат иста адреса како нивната, на улицата „Кеј 4-ти Јули“ 0023

Избирачки список

Има и случај на евидентирана гласачка со исто име и презиме, како авторката на текстот, која живее во истатата  зграда, но во влез и стан што не постои.

Избирачки список

Извесни С. Г. и Н. Г., за кои никој не чул, според Избирачкиот список се станари на истата зграда, која се води и на ул. „Наум Наумоски – Борче“.

„На ул. ‘Круме Волнароски’ број 65, во напуштена куќа, што се распаѓа се регистрирани 56 гласачи, а на адреса на социјалната зграда во населбата `Точила` во којашто станарите сé уште не се вселени, се регистрирани 23 гласачи“, тврдат прилепските социјалдемократи.

Додека Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, овие утврдени аномалии во Избирачкиот список, во своите соопштенија ги нарекува „фабрикување скандали на опозицијата во отсуство на конкретни проекти“, а членството се чини, е задолжено и на социјалните мрежи да ги брани овие ставови, за да си го зачува работното место во јавниот сектор, каде има енормна превработеност, граѓаните се сериозно загрижени.

„Со вакви пропусти, со ваков хаос, со вакви неточни податоци, кои кој знае од кога се внесувани во Избирачкиот список, тешко дека до 5–ти јуни, ќе се исправи работата. Попис треба да се изврши, но не од кадарот на ВМРО- ДПМНЕ, туку од граѓански организации без политички предзнак, и тоа куќа по куќа, макар траело една година. Гласање во вакви услови, значи уште поголем хаос. Ние не знаеме, кој сé доаѓал и што сé правел, се остава впечаток како во државава ништо друго да не се работело, освен што се внимавало каде има напуштени куќи, каде може да се запишат `фантомски гласачи`. Не со сарми - перници, ама со манипулациите и измамите во Избирачкиот список, ние сме за ‘Гинис’, човек им да позавиди на ваквите способности“, вака иронично, гневно и разочарано реагираа, група пензионери од Прилеп, кои без исклучок секој ден прават свои анализи на сите, како што велат, новооткриени сценарија во државава.

Според одредени процени, само во Прилеп, се откриени околу 5.000 отстапувања во Избирачкиот список, коишто ќе бидат пријавени во Државната изборна комисија.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, поаѓајќи од начелата за спроведување фер, демократски и регуларни избори, (какви што во Македонија прашање е дали воопшто имало, ако се имаат во вид, сите аномалии на Избирачкиот список, кои кореспондираат со одредени наводи од аферата „Прислушување“) ги охрабрува граѓаните да продолжат со доставување пријави за неправилности во Избирачкиот список.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian