Министерот Спасов лаже?

Не стивнуваат реакциите на граѓаните кои се чувствуваат дискриминирани и обвинуваат за неправична и нерегуларна распределба на 76-те социјални станови во Прилеп. По објавување на конечната листа, многу граѓани кои аплицирале во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, се обратија во ЦИВИЛ - Центар за слобода, со барање да ги објавиме нивните реакции.

Денеска објавуваме реакција од најблиските на Душан Нунески (58), кој аплицирал во категоријата инвалидизирани граѓани. Од министерот Диме Спасов бараат да се спроведе итна ревизија на постапката за распределба на социјалните станови и да не се дозволи никому да се всели во становите, додека не се изврши регуларен избор на новите корисници на оваа социјална бенефиција.

Револтирани се затоа што никој од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа не го посетил Нунески, ниту има точни сознанија во какви услови  живее овој човек со хендикеп.

Нунески е сместен кај сестра си во зима, зашто самиот не може да се грижи за себе. Но, во лето тој доаѓа во домот на починатите родители.  Парите, 3.800 денари што преку Меѓуопштинскиот центар му се исплаќаат за нега од друго лице, не му се доволни за живот. Во куќата нема струја, ни вода со години, ѕидовите и таванот се распаѓаат. Внуците доаѓаат од време - навреме, да му исчистат и помогнат, но набргу пак домот е во хаотична состојба.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=zAkTm9WwYH0[/youtube]

„Барам на вујко ми, итно да му се додели стан. Нека дојдат надлежните да извршат увид и да видиме, дали и другите кои аплицираа за социјални станови, живеат во вакви услови, без струја, без вода, со 3.800 денари, кои не се доволни за лекови. А, познавам граѓани кои аплицираа, живеат во куќи, кои добиваат и инвалидски пензии, а работат многу декари тутун... Познавам и такви кои секој ден се по кафулињата, а аплицираат за стан... Ова е неправда и мора да прекине, социјалните станови, треба да ги добијат граѓани кои се навистина во тешка состојба, како вујко ми“, вели Александра Конеска, внука на Нунески.

Случајот на Нунески е уште еден во неколкуте, за кои и досега пишуваше ЦИВИЛ Медиа. Но, наместо одговор, од Министерството за труд и социјална политика се оградија дека немаат надлежност во распределбата на социјалните станови.

Портпаролот Марјан Гијовски, топката ја префрли на Министерството за транспорт и врски. Но, ако е така, останува нејасно,зошто министерот Диме Спасов, во изјавите за провладините медиуми вели дека од неговото враќање на министерската функција, се откочени постапките за социјалните станови.

„Ги откочивме постапките за доделување на социјални станови за стотици семејства од социјално ранливи категории во повеќе градови, меѓу кои и Прилеп, каде имаше неколкудневни протести од семејствата кои со месеци од необјасниви причини чекаа за да се даде насока во Министерството да се завршат процедурите околу потпишување на записници и сите технички работи, со цел овие граѓани да ги добијат становите. Тоа сега се заврши само во еден ден“, изјави Спасов, во интервју за порталот Курир.

Текст, видео и монтажа: Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian