Македонија, конечно, направи исчекор кон решавање на политичката криза, која се закануваше сериозно да ја дестабилизира државата и да ги замрзне нејзините евроатлански перспективи.
Ристо Поповски
Опозицијата денеска се откажа од бојкот на локалните избори и ќе се врати во Собранието од каде брутално, заедно со новинарите, беше исфрлена со интервенција на полиција, а по наредба на власта. Овој инцидент ќе го истражува посебна Анкетна комисија.
Договорот за исчекор од кризата е резултат и на силен притисок на Европската унија (ЕУ) и на Европскиот парламент (ЕП) чии што високи претставници Штефан Фуле, Ричард Ховит и Јиржи Бусек, во петокот беа во еднодневна посета на Скопје.
Компромисот е постигнат на заедничка средба на европската тројка, лидерите на власта и опозиција и на претседателот на државата. Претставниците на ЕУ откако е постигнат договор за излез од длабоката политичка криза не дадоа изјави за новинарите.
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија Ричард Ховит, без да го коментира, пред новинарите го прочита Договорот кој содржи три точки :
1. за враќање на нормалниот политички живот:
- сите партии да се вратат во Собранието и да учествуваат на закажаните локални избори.
2. за поддршка на непосредните клучни реформски мерки, вклучително и:
- подобрување на функционирањето на Собранието, вклучувајќи ја и иницијативата на Претседателот за формирање на ад хок Анкетна комисија (која би ги разгледала, меѓу другото, настаните на и пред 24. декември, вклучувајќи ја и нивната уставност, обезбедувањето во и надвор од Собранието и преглед на собраниските процедурални правила), резултатите од кои би биле се рефлектирале во Извештајот за напредокот од страна на Европската Комисијата кој ќе биде објавен во есента 2013 година.
- изборна реформа,по локалните избори, вклучително и во однос на избирачкиот список (на пример пост-изборна ревизија на списокот) и други препораки од страна на ОБСЕ/ОДИХР.
- слобода на изразување, на пример продолжување на дијалогот со новинарите, воден од Здружението на новинари, и други мерки за изградба на довербата.
3. за изборниот календар:
- да се обезбеди соодветно време за регистрирање на кандидатските листи за локалните избори.
- да се оствари средба непосредно по локалните избори за да се разговара за внатрешно-политичката ситуација, вклучувајќи ги и наодите на Анкетната комисија за настаните од 24. декември, и да продолжат разговорите, со добра волја, за сите опции, и без прејудицирање за дефинирање на времето за одржување на следните парламентарни избори, врз основа на спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, така што резултатите да може да се земат предвид во следниот Извештај за напредокот од страна на Европската Комисија.