Огромен револт меѓу граѓаните поради хаосот во Избирачкиот список

ЦИВИЛ - Центар за слобода на својата мejл адреса, на Фејсбук профилот, но и по телефон, непрекинато добива пријави од граѓанки и граѓани за најразлични недоследности во Избирачкиот список. По објавувањето на апликацијата на страната на Државната изборна комисија – ДИК, секој граѓанин може да провери дали го има во Избирачкиот список и дали објавените податоци се точни.

Досега, повеќе од стотина граѓанки и граѓани се обратиле до ЦИВИЛ, како што тие велат, поради довербата која ја имаат во ЦИВИЛ, како и поради нашето долгогодишно искуство во набљудување на избори и објавување на сите нерегуларности кои се случуваа за време на изминатите избирачки процеси.

Последните случаи кои пристигнаа на адресата на ЦИВИЛ, се однесуваат на фиктивни гласачи, односно, на евидентирани лица кои не живеат на наведената адреса.

Лицето С. Г. од Струга, во телефонски разговор, ни објасни дека на адресата на која живее, според списокот, има пет лица кои никогаш не живееле таму.

Лицето Љ. Л. од Скопје, во ЦИВИЛ пријави дека по матичен број може да се најде на Избирачкиот список, но како гласач не постои на адресата на која живее.

Слика

Проблемите продолжуваат со улиците кои во изминатите неколку години добиле нови имиња. Улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“, во центарот на Скопје, е преименувана во „Кирил и Методиј“, но и покрај тоа, „Мито Хаџивасилев Јасмин“ е дел од списокот на улици во општина Центар. Но, само со еден единствен број, и покрај тоа што се работи за зграда! А, новото име на улицата, воопшто не постои во таа листа!

На списокото на улици во општина Центар, исто така, има проблем со постоење и на старите и на новите имиња на улиците. Така, улицата „Ленинова“ и покрај тоа што е преименувана во „Аминта Трети“, сé уште е дел од адресите во Избирачкиот список.

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да продолжат да ги пријавуваат неправилностите во Избирачкиот список, затоа што тоа е единствен начин да се овозможи вистинско пречистување на списокот на гласачи.

ЦИВИЛ,  преку своите проекти: "Слободни избори за слободни граѓан(к)и", и "Напред!", врши перманентен предизборен мониторинг и мобилизација на долгорочни и краткорочни набљудувачи. Последните информации кои ни пристигнуваат од сите страни на Македонија, за хаосот кој владее во Избирачкиот список, се најдобра илустрација за тоа во какви невозможни услови власта сака да спроведе избори на 5-ти јуни.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian