ДУИ ја продлабочи кризата

Демократската унија за интеграција, синоќа одлучи да ги повлече сите актуелни претставници на извршната власт во Република Македонија.

„Претседателството ги потврди статутарните права и му ги делегира сите извршни права и овластувања за донесување одлуки на претседателот Али Ахмети, за да одлучи за следните чекори на Демократската унија за интеграција. ДУИ ја информира домашната и меѓународната јавност дека ќе ги преиспита своите политики во наредните денови“, се вели во соопштението на партијата.

Во Владата ДУИ учествува со 8 министри. На овој начин министрите кои доаѓаат од ДУИ претставуваат една третина од Владата.

Прв  денеска поднесе оставка министерот за образование Абдулаќим Адеми, по што оставка поднесоа и останатите членови на Владата од коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, заменик-претседателот задолжен на Владата за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери, вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, министерот за економија Беким Незири, за правда Аднан Јашари, потоа првиот човек на Министерството за локална самоуправа Љурим Шабани, министерот за екологија Нурхан Изаири и министерот без ресор Фуркан Чако. 

Abdylaqim Ademi

"Овој наш чекор е продолжение на нашите енергични напори за демократија и еден реформиран општествен и политички систем, со што изразуваме и револт за прислушкувањето, продажбата и дистрибуцијата на аудио материјалите кои се произведуваат и монтираат дополнително со тенденција да ги оштетат и уриваат напорите за системски реформи", стои во соопштението на ДУИ како образложение за последната одлука на партијата. "ДУИ го повикува и Специјалниот Обвинител веднаш да се вклучат во истрагата на овој сериозен криминал, кој има за цел да ги загрози јавните личности и да влијае на работата на оваа институција, која има законска одговорност за прислушуваните разговори, кои веќе се пласираат и се обработуваат на црниот пазар насекаде во регионот. Но, за доброто на општеството, процесот на системско реформирање ќе го спроведеме до крај бидејќи само спроведувањето на реформите ја прават оваа земја оддржлива и да не стане заложник на фабрикатори и инсталирање на подземјето во политиката,", се вели во соопштението на ДУИ.

ЦИВИЛ Медиа, разговараше со поранешниот генерален секретар на Собранието, Александар Новакоски, за повлекувањето на ДУИ од Владата.

“Доколку министрите кои ќе поднесат оставка во Собранието, согласно Уставот на Република Македонија се една третина и повеќе, се смета по сила на Уставот, дека целата Влада си поднела оставка. Тие се должни да ја вршат таа функција, до изборот на нова Влада. До изборот на нови министри тие се должни да ја вршат функцијата, како министри во оставка. Што се однесува до одлуката за распуштање, ја носи Собранието, односно пратениците. Ако донесат одлука да се распушти Собранието, автоматски, тие оставки пред распуштање им се констатираат, и во тој случај, повторно таа влада си ги врши функциите до изборот на нова влада, и министрите кои си поднеле оставка ќе ја вршат својата функција и тоа нема да има влијание врз одлуката за распуштање на Собранието, зборувам како е правно. Но, што ќе одлучат во Собранието, тоа е друга работа.  Доколку не се распушти Собранието, тогаш техничкиот претседател на Владата,  можеби ќе предложи за избор на нови министри. Тоа е постапката, не смее да се остави вакуум во функционирањето на владата. Ние имаме строга поделба на власта на извршна, законодавна и судска, министрите се членови на влада, не на ДУИ, треба да се подели таа работа, и тие се должни да ја вршат таа функција. Одлуката за распуштање на Собрание е строго - одлука на пратениците”, смета Новакоски.

Марија Теговска

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian