ЦИВИЛ бара слобода за медиумите!

ЦИВИЛ категорично бара од политичките партии вклучени во преговорите за надминување на политичката криза во земјата да постигнат договор за ослободување на медиумите од партиските стеги.

Во целост го поддржуваме предлогот на меѓународниот посредник Питер Ванхауте за регулирање на медиумите и бараме тој што поскоро да се преточи во закон и пракса.

Ги повикуваме претставниците на власта и нивните медиумски послушници и сурогат организации да се воздржат од дрскиот и дисквалификаторски вокабулар насочен против граѓанското општество, слободните медиуми и против меѓународниот посредник Ванхауте и меѓународната заедница воопшто. Со своите настапи во јавноста во која се однесуваат грубо и антидемократски, тие само дополнително го уриваат угледот на Република Македонија и предизвикуваат дополнително продлабочување на кризата, наместо нејзино надминување.

Од потпишувањето на Договорот за надминување на политичката криза до сега, ЦИВИЛ излезе со низа анализи и препораки за текот на неговото имплементирање. Дел од барањата и препораките на ЦИВИЛ се:

Медиумите мора да бидат слободни, но и одговорни.

Јавниот сервис МРТВ мора да се реформира и да биде на услуга на граѓанките и граѓаните, а не на владејачките структури.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги мора да стане независно и професионално, а не партиски диригирано регулаторно тело.

За да се создадат услови за слободни избори, медиумите мора да се ослободат од партискиот диктат и да ја исполнуваат својата општествена улога, соодветно на демократските стандарди. Без слободни медиуми, нема слободни избори!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English