ЦИВИЛ, тоа се граѓанките и граѓаните

Соопштенијата и анализите, како и медиумската платформа на ЦИВИЛ не се единствените начини преку кои изворниот глас на граѓанките и граѓаните можат да допрат до јавноста и институциите. Напротив, тие се само еден дел од работата на оваа изворно македонска организација за човекови права и слободи што постои веќе 20 години. ЦИВИЛите веруваат дека, без блиска и секојдневна комуникација со граѓанките и граѓаните, соопштенијата, анализите и публикациите би биле шупливи и бесполезни. Веќе две децении, ЦИВИЛ ги промовира, застапува и брани човековите права и слободи и се обидува да ги формулира, артикулира и да им даде видливост и гласност на барањата и очекувањата на македонските граѓанки и граѓани, без оглед на нивната етничка, верска, социјална, политичка или друга припадност, определба или ориентација.

Во основата на определбите на организацијата се европските и зелените вредности, родовата рамноправност, правдата, слободата и еднаквоста на секој човек.

ЦИВИЛ е организација што е во постојан контакт со граѓанките и граѓаните. Во континуитет, тимовите на организацијата подготвуваат посети на помали или поголеми градови и села, со цел да обезбедат информации за сите што се засегнати со горливите теми во општеството, а воедно и да ги сослушаат луѓето на кои им е потребен простор да се искажат и да ги артикулираат своите барања од институциите на локално и на национално ниво. ЦИВИЛ, како организација за човекови права, формирана пред 20 години (1999), стана препознатлива по својата мобилност – од првиот ден е на терен, достапна и отворена за сите.

„Ние сме горди што граѓанките и граѓаните од сите заедници, со различни ориентации, определби и потекло, комуницираат со организацијата и сесрдно придонесуваат, заедно со нас, кон демократските трансформации во општеството. Поддршката и довербата од граѓанките и граѓаните, нѐ направи посебни. Нашата видливост и влијанието што го имаме произлегува од нив. ЦИВИЛ, тоа се граѓанките и граѓаните. Ништо повеќе!“ – изјави Џабир Дерала пред да замине заедно со тимот на едно од бројните патувања низ земјата.

Во овој период, покрај вртоглаво динамичната агенда, организацијата се подготвува да ја одбележи 20-годишнината од постоењето. Организацијата е формирана на 25 ноември 1999 година.

ЦИВИЛ Тим за комуникации


Оваа вест е достапна и на: English