Спасовски: Полицијата на 11 декември, сериозно ќе се спротивстави на секое кршење на волјата на избирачите!

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на три дена пред изборите, во интервју за ЦИВИЛ Медиа, посочува на подготвеноста на македонската полиција за целосно обезбедување на изборниот процес. Тој тврди дека МВР располага со списокот гласачи или „фантоми“, и според тоа, секој обид на лица однадвор, кои не се жители на Република Македонија, да извршат злоупотреби и гласаат со туѓи или фалсификувани документи за идентификација, ќе биде сериозно санкциониран, согласно со законската регулатива.

Во однос на гласиштата дека одредени структури на денот на избори, би предизвикале инциденти, министерот Спасовски порачува дека полицијата веднаш ќе интервенира и ќе ги спречи сите обиди за попречување на заложбите за фер, деморкатски и кредибилни избори, кои имаат историско значење за земјата и кои треба со сигурност да го отворат европскиот пат. Toj e категоричен во ставот дека полицијата ќе постапува и по пријава и еx officio, со цел да ги спречи изборните нерегуларности и апелира до граѓаните да не подлегнуваат на притисоци и уцени, туку да ги пријавуваат во МВР.

[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=F7fIpIc1nzg[/youtube]

ЦИВИЛ Медиа: Во првото од серијата интервјуа за ЦИВИЛ Медиа, на почетокот од „првиот мандат“, изјавивте дека имате приоритет да го департизирате Министерството и полицијата и дека ќе се потрудите, да добиете целосен увид во работата и функционирањето на МВР. Во јавноста, а особено од извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ од теренот, се стекнува впечаток дека во моментов има две полиции во Македонија кои функционираат речиси паралелно. Дали имате целосна контрола врз МВР, особено во овој предизборен период? Дали и каква комуникација имате со вашиот заменик, Оливер Андонов, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, согласно со Договорот во Пржино? Кој му е претпоставен на Андонов, Вие или неговиот партиски шеф, Груевски?

СПАСОВСКИ: Првo, сакам да ви кажам дека перцепцијата оти има две полиции во Македонија не ви е исправна, поради тоа што македонската полиција е единствена и таа има еден човек што раководи, тоа е министерот за внатрешни работи, без разлика кој е министерот. Точно е дека македонската полиција е и премногу непрофесионална и премногу партизирана, дури и криминализирана! За жал, ова морам да го кажам. И тие се трите приоритети, сега ги повторувам, за македонската полиција да ги исполнува до крај интересите на граѓаните на Република Македонија, таа мора да биде декриминализирана, департизирана и крајно професионализирана! Вистинските луѓе во Министерството да ги заземат вистинските позиции. Ние имаме Договор од Пржино, врз основа на тој договор, треба да функционираме во овој период, сѐ со цел да се воспостави контрола на системот којшто беше до крај партизиран и злоупотребен во претходните изборни циклуси.

Во однос на комуникацијата со дополнителниот министер Андонов, таа е врз основа на овластувањата коишто ги дава законот. И мене не ми треба ниту подобра, ниту поголема комуникација од таа што е пропишана со законите на Република Македонија. И тој, како мене, треба да одговара пред Собранието на Република Македонија. Јас сакам да биде одговорен кон полицијата, одговорен кон граѓаните, што не го покажува во целиот негов мандат. А, дека тоа е насока дадена од Груевски, можам да се согласам или претпоставувам дека, да!

ЦИВИЛ Медиа: Се зборува дека огромни суми „црни пари“ последниве предизборни денови се пренесуваат по тајни канали во одделни градови во државата, од одредени структури, со цел да бидат ставени во оптек на црниот пазар на купување гласови, пред и на денот на изборите?

СПАСОВСКИ: Се слушаат разни муабети дека во овој дел може да се злоупотребуваат гласачите преку купување гласови, веќе имаме и неколку обиди за поткуп коишто се процесуирани од страна на МВР. Јас само сакам да ги предупредам сите оние кои се дрзнуваат во овој изборен период да посегнуваат по слободата на гласачот, по слободата на одлуката за гласањето, дека нема да има компромис со никого, со ниту еден од политичките субјекти, со ниту еден припадник на која било од политичките партии. Така што, многу е јасно дека македонската полиција ќе реагира во случај на забележување на каков било поткуп, трансфер на пари или сѐ друго што ќе значи нарушување на изборниот процес. Нам ни треба изборен процес којшто ќе биде фер, демократски и кредибилен. Меѓутоа, ги повикувам и граѓаните на Република Македонија, да  ѝпомогнат на македонската полиција, да се вклучат во овој процес, затоа што само заеднички можеме да го направиме и подемократски и послободен. Ако кој било се обиде да влијае, да поткупи, да заплашува, треба навистина тоа да го пријават во полицијата и да преземеме радикални чекори и мерки.

intjervu-spasovski-2

 

ЦИВИЛ Медиа: Извори на ЦИВИЛ тврдат дека во Кумановско има починати граѓани, чии лични карти, документи за идентификација се и натаму во оптек, зашто по смртта, тие не се одјавуваат во МВР, само се извршуваат религиските рутуали и обреди. Дали нивните документи може да бидат злоупотребени на изборите на 11 декември?

СПАСОВСКИ: Потенцијално секој документ што го поседуваат граѓаните, секој документ што го имаат од починати лица итн. можат да бидат злоупотребувани доколку лицата не се одјавени и не се избришани од Избирачкиот список. Постојат и гласачи, кои ги пријавуваат граѓаните на Република Македонија, дека се наоѓаат во една куќа, во еден стан... Ги пријавуваа до ДИК. Дел од нив се избришани, дел и сега, според јавувањата на граѓаните, постојат. Сакам јасна порака да упатам до граѓаните, дека ние го имаме списокот на сите сомнителни гласачи кои се запишани во Избирачкиот список и доколку, кој било се обиде да го злоупотреби тоа право на глас, стојат сериозни санкции за нарушување на изборниот процес. Така што, не само оние кои се обидуваат да злоупотребуваат нечии лични документи и гласови, или оние кои им вршат притисок на одредени луѓе да бидат злоупотребени тие лични документи, туку и самите тие, доколку бидат забележани на избирачките места, од кој било набљудувач на политичките партии, дека е едно од тие лица кои се на Избирачкиот список, а знаеме дека не се во Македонија, дека не живеат на одредена адреса..., тоа ќе биде сериозно проверено.

ЦИВИЛ Медиа: Вашата колешка, министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски, пред две недели посочи на 134 починати лица од Тетово и Тетовско, кои биле корисници на социјална помош и „живи“ гласачи. Дали презедовте мерки да ги решите овие случаи, во овие две недели?

СПАСОВСКИ: За тие случаи на злоупотреба на документи за социјална помош или кои и да било додатоци од областа на социјалната политика, има доставено извештај и се работи во одделот за организиран криминал, во однос на овие случаи.

ЦИВИЛ Медиа: Можете ли реално да ја контролирате ситуацијата на терен за време на изборите, на 11-ти декември?

СПАСОВСКИ: Сите мерки коишто се потребни во однос на безбедносната состојба во државата, во однос на обезбедување на изборниот процес, преку формирање на соодветните штабови е направено. Македонската полиција се подготвува, сериозно да ги преземе сите надлежности, кои што стојат пред нас, во соработка со Државната изборна комисија, сѐ со цел да обезбедиме слободно гласање, гласање коешто нема да ги оптоварува граѓаните на Република Македонија и обезбедување на избирачките места.

ЦИВИЛ Медиа: Очекувате ли инциденти?

СПАСОВСКИ: Ова се историски избори и за такви избори се потребни политички субјекти коишто се на висина на историската задача. Јас веќе слушам, добивам одредени информации, дека некои од политичките субјекти, можно е да предизвикаат помали или поголеми инциденти и апелирам тоа да не се случува, затоа што на Македонија сега  ѝ се потребни избори по европски терк. И ќе падне одговорноста врз сите нас. Меѓутоа, доколку се обидат со што било, сигурно дека полицијата нема да стои рамнодушно на уривањето на изборниот процес. Сериозно ќе се спротивставиме на таков начин на делување и на кршење на волјата на избирачките во Македонија.

ЦИВИЛ Медиа: Тоа значи дека ќе постапувате и без пријава на терен, еx officio, во случаи каде што со сигурност ќе знаете дека се вршат изборни нерегуларности?

СПАСОВСКИ: Тоа значи дека ќе постапуваме така како што пропишуваат законските регулативи во Република Македонија и  еx officio и по пријава и на секој можен начин, сѐ со цел да го заштитиме изборниот процес.

Моника Талеска

 

Камера: Џабир Дерала

Фото: Билјана Јордановска

Print Friendly, PDF & Email